Во септември 1964 година администрацијата на Универзитетот во Калифорнија ненадејно забранила политичко агитирање на традиционалното место за слободен говор на главниот влез во кампусот во Беркли. Канцеларот бил под притисок од Одборот на регентите да ги ограничи ставовите што се сметале за комунистички. Студентите, инспирирани од движењето за граѓански права на американскиот Југ, решиле да не се повлечат.
Така започнала една од најпознатите борби за слободата на говорот во историјата на американските универзитети.
32 часа на покривот на автомобилот
На 30 септември пет студенти биле казнети затоа што поставиле штандови со политички материјали. Петстотини студенти потпишале писмо во кое изјавиле дека се соучесници, а осуммина биле суспендирани. Следниот ден, на 1 октомври, бил уапсен Џек Вајнберг, поранешен студент по математика и активист на Конгресот за расна еднаквост, додека делел материјали на штанд.
Полицијата го ставила во автомобил на средината на плоштадот. Од толпата некој извикал „Седнете!“, по што автомобилот веднаш бил опколен,прво од десетици, потоа од стотици седнати демонстранти, а во одредени моменти и од илјадници. Во еден момент околу автомобилот имало околу 3.000 студенти.
Автомобилот останал таму 32 часа, со Вајнберг внатре. Студентите се качувале на покривот и од него држеле говори. Меѓу нив бил и Марио Савио, кој подоцна ќе стане едно од најпрепознатливите лица на движењето.
Во меѓувреме, пред главниот влез на кампусот се собрале околу 950 полицајци, чекајќи наредба да ја растераат толпата. До директен судир не дошло. Студентите преговарале со универзитетот и на крајот го ослободиле Вајнберг.
Од автомобилот до окупацијата
Протестот бил само почеток. Студентите го формирале Движењето за слобода на говорот и во текот на семестарот организирале серија ненасилни протести: блокадата на полицискиот автомобил, седечки протест во управната зграда со околу 800 апсења и штрајк во целиот кампус, поддржан од мнозинството студенти и асистенти. На почетокот на декември илјадници студенти ја окупирале управната зграда „Спраул хол“. Џоан Баез предводела заедничко пеење, а се прикажувале и филмови на Лорел и Харди.
По наредба на гувернерот, полицијата ја испразнила зградата. Студентите кои оделе на предавања гледале како нивните колеги биле извлекувани од полицајците. Движењето на крајот постигнало значајни отстапки. Администрацијата ги прогласила скалите на „Спраул хол“ за отворен простор за дискусија во одредени часови и ги дозволила информативните штандови за студентите од целиот политички спектар.
Борбата во Беркли била еден од клучните моменти во ширењето на тактиките на граѓанската непослушност од движењето за граѓански права кон американските кампуси. Победата, сепак, имала и политичка цена: дел од американската јавност силно реагирала против учесниците во движењето.
Скопје, 2014: Студентскиот пленум
Педесет години подоцна, слична приказна се одвивала во Скопје. Студентскиот пленум се појавил кон крајот на 2014 година, по најавата на Владата за воведување екстерно тестирање, подоцна преименувано во државен испит. Студентите сметале дека измените ја загрозуваат автономијата на универзитетите, гарантирана со членот 46 од Уставот.
Движењето за кратко време го привлече вниманието на јавноста, со три големи протести на кои, според организаторите и медиумските извештаи, учествувале повеќе од 10.000 студенти. За првпат во поновата историја на земјата, студентите во знак на протест ги окупирале факултетите во Скопје и со денови преноќувале таму.
По 14 дена окупација, пленумците постигнале договор со власта за изработка на нов закон за високо образование, во чие креирање требало да бидат вклучени студентите и професорите. Измените поврзани со државниот испит биле ставени во мирување.
Ехото во 2026 година
Приказната не завршила таму. Во февруари 2026 година академската заедница остро реагирала на новиот предлог-закон за високо образование на Министерството за образование и наука. Факултети, синдикати и професори доставиле десетици страници забелешки, оценувајќи дека дел од предложените одредби ја загрозуваат автономијата на универзитетите. Реакциите, како што објавуваа медиумите, потсетувале на протестите од 2014 година.
Во регионот, студентите повторно беа меѓу највидливите актери на граѓанскиот отпор. По студентските протести во Србија, кон крајот на 2024 година студенти во Сараево излегле пред Филозофскиот факултет во знак на солидарност, барајќи и одговорност за трагедијата во Јабланица.
Вајнберг седел 32 часа во полициски автомобил затоа што делел летоци. Шеесет и две години подоцна, прашањето што го поставиле студентите во Беркли останува релевантно и за универзитетите денес: дали универзитетот е место каде што се учи да се мисли или место каде што се учи да се молчи?