Каде во Европа луѓето трошат над 40 отсто од приходите за домување

Цените на становите во ЕУ за една деценија пораснаа за 69 отсто, а заедно со нив растат и киријата и енергијата. Над 34 милиони луѓе во Унијата живеат во домаќинства што повеќе од 40 отсто од расположливиот приход го трошат за домување, а најтешко е во Грција.

Трошоците за домување стануваат сè поголем товар за милиони Европејци. Според Евростат, цените на становите во ЕУ меѓу 2015 година и вториот квартал од 2026 година пораснаа во просек за 69 отсто, а во некои земји повеќе од двојно. Паралелно растат и киријата и цените на енергијата, па Европскиот совет отворено зборува за криза на домувањето.

Најголем притисок чувствуваат луѓето што повеќе од 40 отсто од расположливиот приход го даваат за домување, што Евростат го нарекува стапка на преоптовареност со трошоци за домување. Во ЕУ таа во 2025 година во просек изнесувала 7,7 отсто. Експертите објаснуваат дека главната причина е растот на киријата и цените на становите, кој е многу побрз од скромниот раст на приходите, особено кај луѓето со најниски примања.

Во трошоците за домување спаѓаат киријата или каматата на станбениот кредит, комуналиите како вода, струја, гас и греење, како и осигурувањето, одржувањето, поправките и даноците. Расположливиот приход е вкупниот приход на домаќинството по оданочувањето и социјалните придонеси. Во него се вклучени и социјалните надоместоци, како пензиите.

Грција има највисока стапка во Европа меѓу земјите за кои има податоци. Во 2025 година дури 26,4 отсто од Грците живееле во домаќинства што над 40 отсто од приходот го трошат за домување, што е повеќе од три пати над просекот во ЕУ. По неа следуваат Данска со 14,7 отсто, Германија со 11,2 отсто и Шведска со 10,8 отсто.

Надвор од Унијата, високи стапки имаат Швајцарија со 15,3 и Норвешка со 13,5 отсто. Над просекот на ЕУ се и три земји кандидатки, Турција со 10 отсто, Црна Гора со 8,7 и соседна Србија со 7,9 отсто. Најниска стапка има Кипар, каде само 2,4 отсто од луѓето се во оваа категорија, а ниски стапки имаат и Хрватска, Словенија и Словачка.

Истражувачите предупредуваат дека споредбата меѓу земјите е сложена. Преоптовареноста со трошоци за домување не значи исто во Грција, Данска и Швајцарија, бидејќи се разликуваат економиите, социјалните системи и квалитетот на домувањето. Разликите произлегуваат од комбинацијата на тоа колку луѓе живеат под кирија на приватниот пазар, колку е силна социјалната заштита и каква е пошироката економска состојба.

Кога цените на становите, киријата, енергијата, каматите и инфлацијата растат побрзо од приходите, уделот на трошоците за домување во буџетот неизбежно се зголемува. Експертите очекуваат дека токму поскапувањето на енергијата ќе биде главниот двигател на растот на трошоците за домување во следната година. Меѓу најголемите економии, Шпанија, Франција и Италија се под просекот, додека Германија е петта по стапка.

Апсолутните бројки ја покажуваат вистинската големина на проблемот. Повеќе од 34 милиони луѓе во ЕУ живеат во домаќинства што над 40 отсто од приходот го даваат за домување, а најмногу ги има во Германија, 9,4 милиони. Следуваат Турција со 8,6 милиони, Франција, Шпанија и Италија, додека Грција и покрај малото население е шеста со 2,7 милиони погодени.


Најтешко се погодени луѓето со ниски приходи, кај кои стапката во ЕУ се искачува на 29,1 отсто. Во Грција дури 82,6 отсто од луѓето изложени на ризик од сиромаштија се преоптоварени со трошоците за домување, што значи повеќе од четворица од петмина. Високи стапки кај оваа група имаат и Данска, Швајцарија, Шведска, Норвешка и Чешка, додека најниски се во Кипар, Албанија и Хрватска.

е-Трн да боцка во твојот инбокс