Француските власти денеска соопштија дека вчерашните масовни протести против растот на трошоците за живот поминале со помалку насилство отколку во претходните викенди. Сепак, полицијата очекува нови демонстрации уште на почетокот на неделата, кога средношколците, кои покренаа голем дел од протестното движење, ќе се вратат на училиште по есенскиот распуст, јавува Асошиејтед прес.
Во Германија, пак, саботните протести завршија со насилство во неколку градови, каде што демонстранти напаѓале полицајци и ограбувале продавници. Низ Европа вчера на улиците излегоа стотици илјади луѓе, главно млади, а повеќето собири поминаа мирно.
Напади врз полицијата и запален автомобил во Париз
Во Париз, групи насилни демонстранти на крајот од саботниот протест во источниот дел на градот фрлале молотови коктели кон полицијата. Повредени биле тројца полицајци, а еден автомобил бил запален, соопшти полицијата.
На другиот крај од градот, маскирани групи фрлале пиротехнички средства кон полицајците на видиковецот спроти Ајфеловата кула. Полицијата интервенирала неколкупати, а исплашените туристи бегале од областа.
Сепак, насилството било значително помало отколку на 17 октомври, кога била запалена градската општина, а биле ограбени повеќе од 2.000 продавници. Тогаш немирите траеле со часови, а властите биле затекнати неподготвени. Големи немири имало и за време на протестите на 24 октомври. И покрај помалиот интензитет на насилството во последниот протестен викенд, француските власти остануваат во состојба на готовност, особено поради очекувањата дека враќањето на средношколците на настава може повторно да ги засили демонстрациите.
