Протести поради високите трошоци за живот, слабите јавни услуги, недоволните вложувања во образованието и зголемувањето на воените расходи во текот на викендот ја зафатија Европа. Иако повеќето собири поминаа мирно, во неколку градови избувнаа судири со полицијата, а беа забележани и грабежи.
Во Германија, во текот на викендот немири избувнаа во повеќе големи градови по протестите организирани од иницијативата „Генерацијата З презема работи во свои раце“ („Gen Z regelt“). Илјадници млади и други граѓани излегоа на улиците барајќи поголеми вложувања во образованието и здравствениот систем, решавање на проблемот со високите трошоци за живот, откажување од кратењето на јавните расходи и отфрлање на задолжителното служење воен рок.
Грабежи и молотови коктели во Франкфурт
Најсериозните инциденти во Германија биле забележани во Франкфурт, финансискиот центар на земјата, каде што протестите во текот на ноќта прераснале во насилство. Биле искршени излози на повеќе продавници, ограбени биле неколку објекти, а кон припадниците на итните служби биле фрлани молотови коктели.
Оштетена била и продавница за оружје, од која, според полицијата, биле украдени предмети. По апсењето на еден осомничен, биле запленети и два примерока огнено оружје, објави Би-Би-Си. Министерот за внатрешни работи на германската покраина Хесен, Роман Посек, изјави дека на протестите во Франкфурт се приклучиле околу 100, како што ги опиша, јасно идентификувани левичарски екстремисти, кои го искористиле собирот за предизвикување насилство.
Германскиот министер за внатрешни работи Александер Добринт изјави дека полицијата во текот на ноќта спречила ескалација на насилство какво што во последните недели беше забележано во Франција. Тој побара строги казни за учесниците во немирите и грабежите. Судири имало и во други германски градови. Во Келн демонстрантите ги напаѓале полицајците кај главната железничка станица, фрлајќи шишиња и велосипеди кон нив. Во Берлин биле повредени 27 полицајци, а до 56 лица биле приведени.
Нов бран протести во Франција: Повеќе од 770 уапсени
Во Франција, пак, повеќе од 320.000 луѓе учествувале во трет викенд по ред на масовни протести. Демонстрантите барале мерки против растот на трошоците за живот и подобрување на јавните услуги, особено во образованието. Иако собирите главно поминале мирно, во неколку градови дошло до судири, а полицијата употребила солзавец.
За време на саботните демонстрации биле уапсени повеќе од 770 лица, приближно двојно помалку отколку претходната недела. Париската полиција соопштила дека неколку стотици учесници нападнале припадници на безбедносните сили со различни предмети.
Француските власти на почетокот на октомври привремено ја прекинале употребата на еден вид шок-гранати за време на студентските протести, откако петнаесетгодишен демонстрант останал без дланка при експлозија. Сепак, полицијата продолжила да користи друг модел, објави „Ле Монд“.
325 уапсени на протест во Лондон
Во Лондон, британската полиција уапсила 325 лица за време на саботниот протест во знак на поддршка на организацијата „Палестинска акција“ („Palestine Action“), која британската влада ја забрани врз основа на законите за борба против тероризмот.
Според соопштението на лондонската Метрополитен полиција, дури 320 лица биле уапсени поради искажување поддршка за забранетата организација. Демонстрантите се собрале пред американската амбасада во пресрет на дводневното сослушување пред Врховниот суд на Велика Британија, закажано за среда. На него ќе се разгледува одлуката на владата од јули 2025 година за забрана на организацијата.
Помал собир за поддршка бил одржан и пред американскиот конзулат во Единбург, но таму немало апсења.
Протести и штрајкови во Италија и Португалија
Масовни протести имало и во Италија, каде што десетици илјади луѓе, главно студенти и работници, во петокот излегоа на улиците барајќи повисоки плати, поквалитетни јавни услуги и мерки за справување со растот на трошоците за живот. Демонстрантите се спротивставија и на зголемувањето на воените расходи.
Синдикалната организација „Унионе синдакале ди база“ („Unione Sindacale di Base“) повика на 24-часовен генерален штрајк, а протести беа планирани во повеќе од 40 градови, објави италијанската новинска агенција АНСА.
Собирите главно поминале мирно, но во Торино полицијата употребила водени топови за да ги потисне студентите и левичарските активисти кои се приближиле до безбедносниот кордон околу зградата на префектурата. Во Португалија, пак, се одржаа протести против станбената политика и растот на цените на недвижностите. Илјадници граѓани маршираа барајќи промени во законите за издавање станови, за кои критичарите сметаат дека би можеле дополнително да ја влошат станбената криза.
Полицијата во меѓувреме отстранила новоформиран шаторски камп на демонстрантите. Протестите се одржаа во земја во која цените на недвижностите, според извештаите, се повеќе од двојно зголемени во последната деценија.
