Скопје денес има фестивали и филмски автори, но нема кина каде што филмот живее секојдневно. Фестивалот за документарен филм „МакеДокс“ организира панел-дискусија во социјалниот центар „Лабораториум“ за да отвори разговор за состојбата со киноприкажувачката инфраструктура во главниот град. Настанот, кој ќе се одржи на 24 август со почеток во 13:00 часот, се фокусира на изнаоѓање одржливи чекори за враќање на кинокултурата во редовниот градски живот.
Иако скопската публика има можност да следи филмски остварувања за време на фестивалските изданија, можностите за редовно гледање квалитетна домашна, европска и независна кинематографија се исклучително ограничени. Ваквата состојба отвора прашања за тоа што точно ѝ недостасува на престолнината, дали станува збор за физички простори, дефинирана културна политика, финансиски инвестиции или подобра соработка меѓу институциите, приватните иницијативи и независниот сектор.
Дискусијата добива дополнителна тежина поради претстојниот проект „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“. Организаторите истакнуваат дека ова е клучен момент да се премине од привремени активности кон долгорочни системски решенија. Дебата ќе го третира прашањето каква киномрежа му е потребна на Скопје, дали постојните и затворени киносали можат да се обноват и активираат, и како европските модели на филмска инфраструктура можат да послужат како инспирација за развој на домашната сцена.
За овие предизвици во „Лабораториум“ ќе говорат претставници од сите клучни сегменти на филмскиот и културниот живот во државата:
- Звонко Наумовски, шеф на операции во Фондацијата „Скопје 2028 — Европска престолнина на културата“;
- Билјана Лунга Филиповска, советник за меѓународна соработка, евиденција и стратешко планирање во Агенцијата за филм;
- Маргарита Арсова, уредничка на филмската програма во Младинскиот културен центар (МКЦ);
- Дарко Набаков, извршен директор на „МакеДокс“.
Модераторка на панел-дискусијата ќе биде филмската критичарка и потпретседателка на ФИПРЕСЦИ, Марина Костова. Целта на настанот е да понуди конкретни насоки за долгорочен развој на кинокултурата и создавање подобри услови за развој на публиката.