Почнува исплатата на К-15: Колку треба да добијат вработените во приватниот и јавниот сектор?

Компаниите од приватниот сектор можат да започнат со исплата на К-15. Минималниот износ изнесува 19.116 денари, а во јавниот сектор регресот е 13.670 денари.

Компаниите од приватниот сектор од денеска можат да започнат со исплата на регресот за годишен одмор, познат како К-15.

Законската обврска за исплата на регресот трае до 31 декември во тековната година.

Во Македонија износот на К-15 во приватниот сектор не е фиксна сума, туку зависи од тоа кога работодавачот ќе донесе одлука за исплата.

Како се пресметува К-15 во приватниот сектор?

Основицата за пресметка е просечната месечна нето-плата по работник во државата, исплатена во последните три месеци пред денот на исплатата.

Според правилата, регресот може да изнесува најмалку 40 проценти, а најмногу 100 проценти од просечната исплатена нето-плата во земјата, со можност за одредени исклучоци.

Доколку работодавач од приватниот сектор овој месец донесе одлука за исплата на К-15, минималниот износ би изнесувал 19.116 денари, додека највисокиот износ би бил 47.790 денари.

Оваа пресметка е направена врз основа на просечните нето-плати за февруари, март и април 2026 година, кои изнесуваат 46.159, 48.433 и 48.779 денари.

Просечната вредност е околу 47.790 денари, а минималниот К-15, согласно колективниот договор, изнесува 40 проценти од таа основица.

Колку изнесува К-15 во јавниот сектор?

За јавниот сектор износот на К-15 е фиксен.

Тој изнесува 30 проценти од просечната плата во претходната година.

Со оглед на тоа што просечната плата за 2025 година изнесува 45.566 денари, К-15 за годинава во јавниот сектор изнесува 13.670 денари.

Кој има право на К-15?

Право на регрес за годишен одмор имаат вработените кои имаат најмалку шест месеци непрекината работа кај истиот работодавач во текот на календарската година.

Работодавачите можат да исплатат и повисок износ, доколку тоа е предвидено со колективен договор или со внатрешна одлука на компанијата.

Можни исклучоци за фирми со финансиски потешкотии

Постојат и исклучоци за фирмите кои работат со загуба или се соочуваат со финансиски потешкотии.

Во такви случаи, согласно законските и колективните одредби, тие можат да исплатат понизок износ или во одредени случаи да бидат ослободени од обврската.

За тоа е потребна соодветна документација и одлуки усогласени со синдикатите.

Казни до 4.000 евра

Работодавачите од приватниот сектор кои нема да исплатат регрес за годишен одмор треба да бидат подготвени за казни.

За правното лице е предвидена глоба од 2.000 до 3.000 евра, додека одговорното лице кај работодавачот може да плати казна од 500 до 1.000 евра.

Тоа значи дека вкупната казна може да достигне до 4.000 евра.

е-Трн да боцка во твојот инбокс