Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ продолжува со своето меѓународно фестивалско патување. Филмот е избран во официјалната селекција на FIXION Fest, фестивал за фантастичен и хорор филм што се одржува во Чиле.
„Јон Вардар против галаксијата“ е меѓу десетте долгометражни остварувања во селекцијата на јубилејното десетто издание на фестивалот. Програмата вклучува филмови од различни делови на светот, со фокус на современата жанровска продукција.
Ова не е прво претставување на филмот пред публиката во Латинска Америка. „Јон Вардар против галаксијата“ претходно беше прикажан на повеќе фестивали на континентот, меѓу кои и фестивалите во Сао Паоло и Буенос Ајрес, а за него беше објавен и напис на CNN Brasil.
Од продукцијата најавуваат нови информации поврзани со присуството на филмот во Латинска Америка, каде што македонското анимирано остварување продолжува да го гради својот меѓународен фестивалски пат.
Сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, продуцент е Алан Кастиљо, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.