Над 300 јавни личности во Хрватска побараа спас за Лика од отпадот

Северина, Урбан, Вишњиќ и бројни уметници застанаа зад иницијативата против депонијата во Госпиќ и се приклучија на протестниот марш во Загреб.

Над 300 јавни личности, граѓански здруженија и активисти во Хрватска застанаа зад иницијативата „Госпиќ е наш дом“, давајќи гласна поддршка на денешниот протестен марш во Загреб. Поводот за масовната реакција е нелегалното фрлање отпад на подрачјето на Госпиќ. Колоната тргна претпладнево од Плоштадот на кралот Томислав кон Плоштадот Бан Јелачиќ, со директно барање за итна санација и заштита на животната средина во Лика.

Пејачката Северина беше меѓу првите што јавно застанаа зад протестот „Оди за Лика, оди за Хрватска“. Таа преку своите профили на социјалните мрежи со денови апелираше за масовност, а потоа го потврди и личното присуство на собирот.

„Не нè скршија, не е важно дали сме лево или десно. Прашањето за здравјето и животната средина не смее да зависи од политичка или светоназорска определба“, порача Северина на Инстаграм, упатувајќи директен повик и до спортистите и бранителите да застанат во одбрана на регионот. Пејачката за проблемот со отпадот зборуваше и пред публиката на својот неодамнешен концерт во Карловац.

Поддршка за зачувување на Лика пристигна и од други истакнати имиња од хрватската културна сцена. Музичарот Дамир Урбан и режисерот Миран Курспахиќ го потврдија своето доаѓање на загрепските улици, нагласувајќи дека граѓанскиот отпор е обврска кон децата и иднината на просторот.

Јавни пораки и поддршка за иницијативата упатија и актерот Горан Вишњиќ, пејачката Јелена Розга и Нивес Целзијус, со што протестот прерасна во една од најшироките еколошки мобилизации на познатите во Хрватска во последните години.

е-Трн да боцка во твојот инбокс