„Ја вратија бидејќи немало записничар“: Активистка Магдалена Чадиноска Кузманоски предупредува дека системот ги остава жртвите незаштитени пред да стане предоцна

По уште еден случај на фемицид во Македонија, активистката Магдалена Чадиноска Кузманоски предупредува дека жртва на насилство била вратена од институција бидејќи немало записничар.

По уште еден случај на убиство на жена, за кој како осомничен е приведен нејзиниот поранешен сопруг, активистката Магдалена Чадиноска Кузманоски предупреди на, како што вели, сериозните системски пропусти во институционалната заштита на жртвите на родово базирано насилство.

Во објава на својот Фејсбук-профил, таа открива дека истиот ден жена со која работи подолг период била вратена од институција, не затоа што немало основ за постапување, туку затоа што немало записничар.

„Пријавила. Само системот не бил подготвен да ја заштити“, напиша Чадиноска Кузманоски.

Според неа, жената претходно двапати добила одложување на судското рочиште, а била оставена и повеќе од еден час сама во судски ходник, без полициска придружба, во присуство на насилникот.

“Денес, повторно, жена жртва на насилство, со која работам долго време беше вратена од институција. Не затоа што немало основ за заштита. Не затоа што не претрпела насилство. Не затоа што некој утврдил дека не ѝ треба помош. ТУКУ ЗАТОА ШТО НЕМАЛО ЗАПИСНИЧАР. И сакам сите да знаете како навистина изгледа патот на една жена кога ќе собере храброст да пријави насилство.

Прво, двапати ѝ се одложува рочиштето. Потоа, жена што бара заштита е оставена час и половина сама во судски ходник, без полициска придружба да чека со насилникот. Денес ја враќаат од Обвинителството бидејќи нема кој да го запише нејзиниот исказ.

А потоа сите ќе прашуваме: „Зошто не пријавила?“ Пријавила.

Само системот не бил подготвен да ја заштити.

Ако рочиштата ги одложуваме затоа што нема записничар, тогаш да најдеме барем некој што ќе ја запише кога ќе умре. Изгледа тогаш системот секогаш има време, има записник, има соопштение, има изјави и има сочувство. Но на неа, тогаш, ништо од тоа повеќе нема да ѝ значи“ пишува Магладена и предупредува:

„Не ни требаат реакции по уште еден фемицид. Ни треба систем што ќе реагира додека жената е жива.“

Нејзината реакција доаѓа само еден ден откако обвинителството соопшти дека поранешниот сопруг е осомничен за убиството на 48-годишна жена од скопското село Таор, чие тело беше пронајдено на шумска локација во близина на Летевци. Обвинителството потврди дека смртта е насилна, а истрагата е во тек.

Според податоците на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, во Македонија во текот на 2025 година беа регистрирани најмалку пет случаи на фемицид, што претставува една од најсмртоносните години во последниот период. Граѓанските организации со години предупредуваат дека најголем дел од убиените жени претходно биле изложени на семејно или партнерско насилство, а дел од нив и претходно побарале институционална заштита.

Организациите кои работат со жртви на родово базирано насилство континуирано бараат побрзи институционални постапки, подобра координација меѓу полицијата, обвинителството и судовите, како и итна и ефикасна заштита на жените кои ќе одлучат да го пријават насилството.

Извор: Фејсбук-објава на Магдалена Чадиноска Кузманоски (29 јуни 2026).

е-Трн да боцка во твојот инбокс