„Ја скротивме ѕверката“: Шпанските медиуми во еуфорија, Французите признаа – добивме фудбалска лекција

Шпанските медиуми ја слават победата над Франција и пласманот во финалето на СП 2026, додека француските весници признаваат дека „триколорите“ биле надиграни во сите сегменти.
EPA/BENJAMIN FANJOY

Шпанија со убедливата победа од 2:0 над Франција обезбеди место во финалето на Светското првенство 2026, а медиумите на Пиринејскиот Полуостров не ја криеја еуфоријата. Во исто време, француските весници отворено признаваат дека нивната репрезентација била целосно надиграна. Спортскиот дневник „Марка“ натпреварот го опиша како „незаборавна претстава на Шпанија“, истакнувајќи дека Франција била опасна само при неколкуте индивидуални пробиви на Килијан Мбапе.

„АС“ излезе со наслов „Лекција за светот“, оценувајќи дека „црвената фурија“ ја совладала најсилната селекција на турнирот и успеала да ја „скроти ѕверката“, алудирајќи на квалитетот на францускиот тим. И „Ел Паис“ пишува дека Шпанија со блескава фудбалска игра ја ставила Франција на големи маки, додека „Ел Мундо“ оценува дека „незаборавната Шпанија ја фрли Франција на колена“.

На спротивната страна, француските медиуми не штедеа критики. „Л’Екип“ пишува дека „сините“ биле „задушени во сите аспекти на играта“ и дека добиле вистинска фудбалска лекција. „Ле Монд“ на насловната страница објави: „Крај на синиот сон“, додека „Ле Фигаро“ поразот го нарече „немилосрдна елиминација“.

Францускиот весник оцени дека Мбапе, Дембеле и Олисе не успеале да направат разлика на теренот и заклучи дека Шпанија била подобра во секој сегмент од играта и сосема заслужено се пласирала во финалето на Мундијалот.

Во големото финале, Шпанија ќе игра против победникот од второто полуфинале меѓу Аргентина и Англија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс