Месец дена по прогласувањето на прекин на огнот во Појасот Газа, Израел го прекршил примирјето 282 пати, со речиси секојдневни напади во кои биле убиени стотици луѓе, објави Al Jazeera.
Според Владината канцеларија за медиуми во Газа, од 10 октомври до 10 ноември Израел извршил 88 напади врз цивили, 124 воздушни бомбардирања, 52 уништувања на приватна сопственост, 12 упади во стамбени зони и привел 23 Палестинци.
Услови на примирјето
САД на 29 септември предложија договор од 20 точки за завршување на војната, ослободување на заробеници, дозвола за хуманитарна помош и повлекување на израелските сили.
Првата фаза – која сè уште трае – предвидува прекин на непријателствата, укинување на блокадата, ослободување на сите израелски заробеници во замена за околу 2000 палестински затвореници, како и повлекување на израелските сили на т.н. „жолта линија“.
Договорот беше потпишан на 13 октомври, под покровителство на американскиот претседател Доналд Трамп, без присуство на Израел и Хамас — што веднаш предизвика сомнежи во неговата изводливост.
Израел продолжува со напади
Анализата на Al Jazeera покажува дека Израел нападнал Газа во 25 од последните 31 ден од примирјето — само шест дена поминале без напади, жртви или повредени.
Од почетокот на примирјето на 10 октомври, Израел убил најмалку 242 Палестинци и ранил 622, според податоци на палестинското Министерство за здравство.
Најсмртоносни биле 19 и 29 октомври, кога загинале вкупно 154 лица.
„Израелците само возвратија на нападот и требаше да го сторат тоа“, изјави Трамп за медиумите, нарекувајќи ги нападите „одмазда“.
Блокада на хуманитарната помош
Иако договорот предвидуваше непосреден пристап на целосна помош во Газа, состојбата останува критична.
Според Светската програма за храна (WFP), во Газа стигнува само половина од потребната храна, а коалицијата на палестински хуманитарни агенции вели дека вкупните испораки се само една четвртина од договореното.
Израел, според извештаите, блокирал повеќе од 350 основни прехранбени производи, вклучувајќи месо и млечни производи, но дозволил увоз на грицки, чоколадо и безалкохолни пијалоци.
Размена на заробеници и тела
На 13 октомври, Хамас ослободил 20 израелски заробеници во замена за 1950 палестински затвореници и поврат на 28 тела на израелски војници.
До 10 ноември, Хамас вратил 24 тела, а Израел вратил 300 палестински, од кои многу, според извештаите, биле со знаци на тортура.
Меѓународно право и примирја
Според Институтот Либер, примирјето има цел да го прекине активното војување, но неговата правна тежина може да биде нејасна. Продолжувањето на воените операции по прогласување на прекин на огнот претставува кршење на политичкиот договор, но не секогаш и повреда на меѓународното право, освен ако примирјето не е утврдено со обврзувачка резолуција на Советот за безбедност на ОН.
