Израелската армија денеска изврши воздушни напади врз предградијата на либанската престолнина Бејрут, откако движењето Хезболах изведе нови ракетни напади врз израелска територија. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Израел Кац соопштија дека цел на операцијата биле командни центри на „терористички структури“.
Според снимките објавени на социјалните мрежи, над јужното предградие Дахије се издигнале густи облаци чад. Оваа населба важи за едно од главните упоришта на Хезболах во Либан. Нападот претставува нова ескалација на тензиите меѓу Израел и Хезболах, само неколку дена откако беше постигнат договор за спроведување на прекинот на огнот.
Израел значително ги намали воените операции во Либан по стапувањето во сила на примирјето во средината на април. Американскиот претседател Доналд Трамп претходно соопшти дека е постигнат договор за прекин на израелските напади, како и на нападите на Хезболах врз Израел.
Сепак, ситуацијата повторно се влоши откако Хезболах ги отфрли условите од договорот и продолжи со ракетните напади. Либанската влада формално не е дел од конфликтот и има ограничено влијание врз проиранското движење Хезболах, кое не учествуваше во преговорите за прекин на огнот. Засега нема официјални информации за евентуални жртви или материјална штета од денешните напади.