Search

Изолација

“Наместо со 20 километри на час, која беше максималната дозволена брзина на движење на возовите на пругата Велес-Скопје, отсега возовите на оваа делница ќе сообраќаат со максимална брзина од 50 километри на час.“ Верувам дека оваа победоносна изјава на Македонски железници не остави никого рамнодушен деновиве. Се радувам што успеваме достојно да парираме со брзината на овој тип сообраќај, воспоставен кај нас за време на Османлиското царство, некаде во 1873, на потег помеѓу Скопје и Солун. Некој ќе рече, побогу тоа било во 19тиот век, денес е 21ви. Не, не ѐ 21ви век, кај нас е сеуште 19ти. НИЕ СМЕ 19ти век.

“Во Македонија

 Уште е турско

 Турско е ропство

 Ама со интернет човече, друже“

Дали некогаш сте се запрашале зошто немаме железнички сообраќај? Никаква поврзаност, а опкружени сме со држави кои излегуваат на мориња и важни пристаништа. Пругата кон исток се најавува уште од минатиот век. Речиси секоја политичка гарнитура која претендираше на власт во Македонија до пред десетина години, ветуваше шини кон исток. Тоа сега веќе не се ни споменува. Кон запад, и покрај релевантноста на Драч и експресниот економски и туристички развој на Албанија, немаме ни најмала желба. Ниту намера. Север – југ функционираше поради Југославија, а и потоа некое време по инерција, се додека не папса од недостаток на амбиција.

“Во Македонија

 Јадење, пиење

 Пиење, јадење

 Јадење, сликање“

Но побогу, кому му треба поврзување??? Најстар сме народ во Универзумот. Божја раса. Од нас настанала белата раса. Соседите ни се инфериорни. “Нижа раса“. Што ќе ни се? Европа пропаѓа. Американците се најглупави, ете Кинезите ќе ги сотрат кај и да е. Русите ќе дојдат да не ослободат, нема што ние да одиме било каде. Нели? Едноставно, ние знаеме сѐ. Не случајно така мислиме, наапани од безумната националистичка пропаганда, која владее со медиумскиот простор и македонскиот мозок, добро платена од домашните тајкуни и браќата Руси. Отцепени, изолирани, необразовани, немоќни. Лудиот не знае дека е луд. Мртвиот не знае дека е мртов.

“Во Македонија

 Метеорот го чекаме

 Бомба да удри

 Бомба нé удрила“

Во Европа нема граници. Возовите одат со брзина од повеќе стотини километри на час. Од Париз до Берлин (1055км) за само 8 часа. Како би ни било со таков воз од Скопје до Битола? Било каде во Македонија за 30 минути. Размислил ли некој кој е бенифитот од тоа? Скопје- Солун? Софија, Тирана, Будимпешта, Виена… Брзина. Поврзаност. Интеграција. Интеграцијата за нашиот човек е императив. Арно ама на македонските газди опасно им смета да бидеме поврзани. Им се допаѓаме вакви: сиромашни, неписмени, немоќни, глупави, себични, примитивни, затворени, утепани. Стравот е стап, а достоинството морков со кој не тераат како говеда низ македонското трло. Ќе сфатиме ли некогаш дека стравот е смрт, а интергацијата во модерна Европа е нашето достоинство?

“Ветар сум на небо северно

 Немам земја, имам глас

 Бело Море, небо северно

 Никаде не одам јас“

Авторот е музичар

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни