Студентите со уметност против дискриминација: Изложба на постери во Галерија Остен

Во Галерија Остен во Скопје вечерва ќе биде отворена изложба на студентски постери посветени на еднаквоста, недискриминацијата и ненасилството, организирана од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во соработка со проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“. Изложбата обединува 25 креативни дела на студенти од Европскиот универзитет Скопје, кои преку уметност и дизајн испраќаат силни пораки за човековите права и општествената еднаквост.

Комисија за спречување и заштита од дискриминација, во соработка со проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, организира изложба на студентски постери посветени на промоција на еднаквоста, недискриминацијата и ненасилството, која вечерва од 19 часот ќе биде отворена во Галерија Остен.

На изложбата ќе бидат претставени 25 постери изработени од студенти на Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет Скопје, создадени во рамки на конкурс посветен на човековите права, еднаквоста и ненасилството. Проектот има цел преку уметност и визуелна комуникација да ја подигне јавната свест за важноста на недискриминацијата и почитувањето на основните човекови права.

Организаторите посочуваат дека секој постер претставува уникатен креативен одговор на современите општествени предизвици, испраќајќи пораки за солидарност, прифаќање и еднакви можности за сите граѓани.

Изложбата ќе биде отворена за јавноста до 3 јуни 2026 година, а посетителите ќе имаат можност преку делата на младите автори да видат како уметноста може да стане моќна алатка во борбата против дискриминацијата и насилството.

Проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, финансиран од Европска Унија, има цел да ги зајакне институциите во Северна Македонија во областа на правдата, борбата против корупцијата, владеењето на правото и заштитата на човековите права. Проектот се имплементира од Лудвиг Болцман Геселшафт – Институт за основни и човекови права, Министерството за внатрешни работи на Словенија, Министерството за правда на Хрватска и Центарот за меѓународна правна соработка (CILC).

е-Трн да боцка во твојот инбокс