На големата сцена на Театар Комедија на 27 и 28 мај ќе бидат изведени претпремиерата и премиерата на претставата „Избраниот“, работена по текст на Ева Камчевска, а во режија на Јане Спасиќ. Претставата започнува во 20 часот и носи апсурдна, но истовремено препознатлива приказна за семејството, вистината и општествените модели што луѓето често ги прифаќаат без преиспитување.
Во претставата настапуваат актерите Тони Денковски, Жаклина Петровска, Виктор Арсов, Сергеј Димоски, Елена Кузманов и Ангела Лефкова, кои преку динамичен и комичен сценски израз ја раскажуваат приказната за тричлено семејство што се соочува со „вистината“ за својот син единец.
„Избраниот“ ја користи апсурдната комедија како форма преку која ги отвора прашањата за авторитетот, религиозните уверувања, малограѓанството, клиентелизмот и општествените притисоци. Низ сатиричен и жаргонски обоен јазик, претставата ги анализира човековите слабости, но и судирот меѓу старите и новите вредности во современото општество.
Авторката Ева Камчевска е позната по текстови што често се занимаваат со дисфункционални семејства и апсурдот во секојдневниот живот. Таа е драматург и сценарист со образование од Факултетот за драмски уметности во Скопје и дополнителна специјализација за филмско и телевизиско сценарио во Ванкувер, Канада. Во својата кариера работела на повеќе филмски и театарски проекти, а активно учествува и во меѓународни програми за развој на сценарија.
Покрај актерската екипа, на проектот работеа и сценографката Мери Батакоја, костимографката Ивана Каранфиловска Угуровска, тон мајсторот Георгиј Полизов и светло мајсторот Слободан Илиоски, додека инспициент на претставата е Нурјамет Рушити.
Со „Избраниот“, Театар Комедија продолжува да отвора современи и општествено релевантни теми преку жанрот на комедијата, комбинирајќи хумор, сатира и критички поглед кон реалноста.