Search

Избегнувањето неколку типови луѓе е половина здравје

Со годините и зрелоста доаѓаат многу важни лекции во животот и најважната од сите е дека мирот нема цена. Ако порано можев да се дружам со скоро секој, сега сум горда на тоа што мојот круг на блиски луѓе се брои на една шака. Тоа не е знак дека имате проблем со одржување на пријателствата или сте антисоцијална личност, тоа е знак дека сте доволно зрели и знаете дека одбегнувањето на одредени типови на луѓе е половина здравје и заштита на вашиот мир и среќа. Кои се луѓето кои јас не сакам да ги имам во близина?

Вечните жртви

Ова се тип на луѓе кои имате чувство дека вечно имаат проблеми и секогаш ви се жалат и кукаат за истите. Овие луѓе се во улогата на вечна жртва и најчесто нивните проблеми се најважни и најголеми, иако горе долу сите имаме проблеми и секојдневно се бориме со истите. Ако некој може да ви ја исцица цела енергија и направи да се чувстувате ужасно по одредено време поминато заедно, се токму тие. Тие никогаш немаат да споделат ништо добро со вас затоа што тоа се коси со нивната улога да бидат жртви и да апсорбираат сипмпатија од околината. Затоа наместо да губите скапоцено време слушајќи туѓи проблеми и тешејќи луѓе кои очигледно сакаат да бидат сожалувани и третирани како жртви одберете да бидете опкружени со луѓе кои знаат да споделат проблем, но и да покажат дека работат на себе и ги менуваат работите. Не е на вас да бидете нивниот вечен заштитник.

Оние кои го засенуваат вашиот успех со посочување на негативните работи

Ова се луѓето кои навидум изгледаат дека се радуваат на вашиот напредок и успех, но од друга страна секогаш гледаат прилика да споменат негативен коментар за вас или грешка од минатото. Оваа токсична врста на луѓе не се радуваат за добрите работи кои ви се случуваат, кариерата која ви оди напред или персоналниот живот. Не. Тие чекаат да направите грешка или некој да каже нешто лошо за вас за да може да ви го пренесат и да се нахранат духовно од вашата болка. Тие доаѓаат први кај вас кога ќе слушнат нешто лошо, а се последни да ви честитаат за нешто добро. Не ви се потребни во животот луѓе кои се ситат на вашата мака.

Ве гледаат како конкуренција

Овој круг на луѓе најчесто се создава на работа со луѓе кои навидум изгледаат како да го имаат вашиот грб и се тука за вас, а всушност се што ги интересира е дали се тие подобри од вас. Ве гледаат како конкуренција и се натпреваруваат со вас. Се што вие ќе направите тие мора да го направат подобро или да ве ископираат. За нив крајната цел не е меѓусебна поддршка и споделување на успехот, туку зборување зад грб и поставување сопки. Дали навистина вреди времето и енергијата за да имате некој ваков во вашиот круг на пријателства?

Оние од кои не можете да научите ништо

Има поговорка која вели дека карактерот на луѓето се гледа според луѓето со кои се опркужени или „Со кој си, таков си“. Прашањето е дали навистина сакате да бидете опкружени со луѓе кои не инвестираат во себе и во својата иднина? Дали сте спремни да бидете дел од опркужување во кое напредок, раст и развој не е опција? Бидете внимателни, затоа што најтоксичниот дел доаѓа во моментот кога вие ќе сакате да ги раширите вашите крилја, а истите овие луѓе ќе ве спречат затоа што немаат храброст да го направат истото за себе. Од нив никогаш нема да слушнете охрабрување и поддршка да направите нешто повеќе за себе и за својата иднина. Напротив ќе ве убедат дека од самиот старт дека тоа е лоша идеја и таквата енергија е нешто кое навистина не ви е потребно во животот.

Ви помагаат, но очекуваат да им бидете вечни должници

Ми требаше повеќе време да разберам дека не ги сакам овие луѓе во своја близина затоа што на почетокот ќе те убедат дека се добри со тоа што се тука и ти помагаат. Но подоцна во секој муабет ќе слушнете како тие направиле нешто за некој и да не биле тие немало таа личност да стигне онаму каде што е. Така зборуваат и за вас! Не дозволувајте други луѓе да се китат со вашиот напор, труд и работа. Едно е да помогнеш некому, сосема друго се резултати на тоа што тој човек ќе направи понатаму. Ваквиот тип на луѓе вашиот успех секогаш ќе си го препишуваат себеси и ќе очекуваат за возврат да им бидете вечни должници. Водете се според поговорката дека човек кој се фали со своите добри дела не ги направил затоа што има широко срце и сакал да помогне. Напротив, очекувале нешто за возврат. Тоа е сосема различно од желбата да помогнеш некому. Навистина помошта од нив не ви е потребна и стопати е подобро да се мачите и да завршите што и да е без нивна „помош“ и мешање.

Shutterstock

Во нашите простори ќе слушнете често дека фамилијата не можеш да ја бираш, но пријателите можеш. Јас велам, бирај внимателно и  од двете страни кому ќе му дозволиш да биде дел од твојот живот. Заштити се себеси и својот мир, затоа што твоето здравје и среќа се најважни. Одбери луѓе покрај кој се чувствуваш безбедно, сакано, поддржано и немаш потреба да глумиш нешто што не си. Не дозволувај никому да ти ја цица енергијата и цели кон квалитет наместо на квантитет. Подобро неколку квалитетни пријатели кои се бројат на прсти отколку цел куп од нив, а ниту еден вистински тука за тебе. Најважното од се. Се менуваме, растеме и созреваме, со тоа многу е нормално некој кој порано важел за ваш пријател да не го заслужи истото место во вашата иднина. Пријателството како и се останато во животот не се одржува на стара слава и бара труд, инвестирање и посветеност која не престанува. Кога ќе исклучите некој од вашиот живот затоа што се штитите себеси, нема потреба да се објаснувате ниту на таа личност, ниту некому друг зошто го правите тоа. Ако вам ви е подобро и сте посреќни без нивното присуство и токсичност во вашиот живот, тоа е најважно.

Авторката е магистер по правни науки, писателка, станд ап комичарка и радио и ТВ водителка

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни