Ивана Наскова: Нема поубаво чувство на светот од тоа кога работиш за да ги исполниш своите соништа, а не туѓите

Нашата колумнистка, Ивана Наскова, за читателите на Трн открива како жонглира низ повеќето професии, како е да се биде фриленс и зошто никогаш повеќе не би работела „сигурна“ работа, што ја радува и каков човек е во суштина. Одблиску запознајте ја Ивана, голема авантуристка и оптимистка, што се чита и од нејзината широка насмевка.

Трн: Ако на Гугл напишеме Ивана Наскова излегуваат објави: Ивана Наскова радио и ТВ водителка, писателка, колумнистка, стенд ап комичарка… Која е Ивана Наскова?

Ивана: Веројатно Ивана Наскова е се од ова. Искрено сум среќна што можам да работам со луѓе. Ја сакам таа енергија, сакам да ги споделам моите приказни со луѓето, сакам да слушнам што имаат да кажат и сакам да ги насмеам. На крајот од денот иако сите овие професии се различни, сепак се блиску една до друга затоа што ми дозволуваат да бидам своја. Јас ја имам среќата да бидам истата Ивана и професионално и приватно.

Трн: Инстаграм, Фејсбук, ТикТок… каде си своја, каде си оригинална… Си натерала ли некој да ти лајкува, коментира, споделува објави и зошто? (и ако е да и ако е не, зошто?)

Ивана: Верувале или не, не сум тип кој е зависен од социјалните мрежи. Мразам да се сликам по сто пати за да ја направам совршената фотографија која ќе ја постирам на мојот профил и не обрнувам многу внимание на тоа. За мене сите овие нешта се начин да споделам убави моменти со луѓето околу мене и да создадам спомени. Веројатно најмногу сум своја на Инстаграм од причина што на Фејсбук се сите мои роднини па не сакам да ги шокирам (се смее). ТикТок е платформа која во последниве месеци не сакам ниту да ја отворам од причина што таму не гледам никаква едукативна, квалитетна или нормална содржина.

Трн: Велат животот е толку убав колку што му приоѓаме со насмевка, што те смее, како му се радуваш на секој еден ден?

Ивана:По природа сум човек кој секогаш се смее и не размислувам дали чашата е полу-празна или полу-полна, туку земам и ја пијам (се смее). Му се радувам на секој ден затоа што знам дека ќе се разбудам со бакнежи од моето куче, Були е 3 години мојата најголема радост. Да се разбереме, нема ништо подобро и поубаво на овој свет од кучињата! Животот е убав и верувајте дека сите моменти и добри и лоши се важни и треба да бидеме среќни што сме имале прилика да ги искусиме. Тие не донеле точно каде што сме, а ако не ни се допаѓа каде сме, секој ден е нова шанса да го промениме тоа и тука лежи најголемата причина зошто му се радувам на секој ден.

Трн: Ако повторно се родиш, а би можела да одбереш живот, професија, кариера, место на живеење, каква судбина би си скроила?

Ивана:Веројатно би одбрала повторно да сум писател затоа што пишувањето е нешто без кое не можам да си го замислам животот. Единствено нешто што можеби би била похрабра да го направам е порано да излезам од земјава и да го шетам светот. Имаше период во мојот живот кога работев не за себе, не за своите соништа и цели, туку за туѓите. И гинев од работа затоа што верував дека е важно да имаш сигурна работа како што не учеа од дома – „Ај бар имаш сигурна работа и земаш редовна плата“. Сега знам дека ништо не е сигурно и нема поубаво чувство на светот од тоа кога работиш за да ги исполниш своите соништа, а не туѓите. Да можам повторно да се родам би сакала да го знам тоа.

Трн: Луѓето мечтаат, но ретко преземаат чекор за реализација, ти во кои припаѓаш и зошто. Те нервираат ли припадниците на другата страна?

Ивана:Јас сум човек од акција и пасивни луѓе кои само кукаат и се жалат, а не прават ништо за да го променат тоа, дефинитивно не се мојот круг на луѓе. Не ме нервираат затоа што не е мое да се нервирам за туѓиот живот и некој си таму што нема никаква врска со мене, но дефинитивно не се луѓе со кои сакам да бидам опкружена. Јас сум човек кој ќе ти каже во лице, или промени ги работите или не очекувај дека ќе седам до тебе и ќе те држам за рака додека се самосожалуваш. Ценам храброст, иницијатива, амбиција и напорна работа.

Трн: Замисли дека на еден ден си ТРН, имаш задача да боцнеш тројца од јавниот живот кои би биле тие и каква „рана“ би им направила?

Ивана:Кој јавен живот? Сметам дека такво нешто немаме во Македонија. Мислам дека боцкам доволно во моите колумни на ТРН и целата не ми е да ранам туку да разбудам. Мораме да се разбудиме и да направиме некакви промени, инаку ќе тонеме се подлабоко и подлабоко. 

Трн: Едни во Дубаи едни дома, но најубаво е за Нова година дома, нели? Кога последно славеше дома и не се покаја за тоа?

Ивана:На овие цени за славење во кафичи со задоволство би славела дома, затоа што попрво ќе дадам 500 евра да прошетам некаде отколку за флаша. Инаку многу години сум славела дома, вклучувајќи ја и 2023та. Доколку не можеш да излезеш надвор од државата и да прошеташ, подобро е да славам дома отколку во кафана или кафичи. Искрено нема ништо поубаво од тоа. Еден од најубавите дочеци на Нова Година ми беше 2023та кога славевме само јас и моето куче. Искрено еден од поубавите дочеци и многу руска салата само за мене. (се смее)

Трн: Што ќе си направиш сама за себе за поубава, посреќна и поуспешна 2024 година? Му испрати ли писмо на Дедо Мраз?

Ивана: Дедо Мраз само нека ми ги чува луѓето кои ги сакам и моето куче, се друго ќе средам сама. (се смее) Немам посебни желби, искрено имам се што сакам, а тоа што немам, ќе продолжам како и досега да работам напорно за да го добијам. Среќна сум, исполнета и убаво ми е и само сакам тоа да продолжи и во 2024та

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни