Временската прогноза ги смени плановите на „It’s All About Jazz“

Наместо во Парк „Ибни Пајко“, јубилејното издание на фестивалот се сели во Филхармонија – програмата останува иста, влезот е слободен

Поради најавените неповолни временски услови и можноста за дожд, организаторите на фестивалот „Today It’s All About Jazz – Vol.10“ донесоа одлука да ја променат локацијата на настанот. Наместо на отворено, во Парк „Ибни Пајко“, концертите ќе се одржат во салата на Македонската филхармонија во Скопје.

И покрај промената, програмата останува непроменета, а публиката ќе има можност да ужива во целодневен џез маратон со домашни и меѓународни изведувачи. Организаторите најавуваат дека енергијата, квалитетот и атмосферата ќе останат на истото високо ниво, само во затворен и покомфорен простор.

Настанот започнува во 16:00 часот со настап на Peach Vice Jazz, по што следуваат Next to Silence, проектот „Frantik Zen“ на Арнау Гарофе, како и специјалниот концерт „Jaco Lives!“ во изведба на Националниот џез оркестар заедно со Дејн Алдерсон, под диригентство на Сиги Фајгл.

Вечерта ќе кулминира со настап на легендарниот бенд „Леб и сол“, кои ќе ја затворат програмата со препознатливиот звук што со децении ја обликува домашната музичка сцена.

Организаторите потсетуваат дека влезот за сите концерти останува слободен и ги повикуваат сите љубители на џезот да се приклучат на ова јубилејно издание, кое и покрај временските предизвици, ветува врвно музичко доживување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни