Италијански технолошки колектив згаснува откако САД го прогласија за терористички

Без домен и банкарска сметка останаа околу 16.000 електронски сандачиња, 1.500 веб-страници, 5.500 мејлинг-листи и 10.000 блогови

Италијанскиот технолошки колектив Autistici/Inventati (A/I) ги гасне своите услуги откако американските власти го прогласија за терористичка организација, по што колективот остана без својот .org домен и банкарската сметка. Одлуката ќе има последици за околу 16.000 електронски сандачиња, 1.500 веб-страници, 5.500 мејлинг-листи и 10.000 блогови што ги користат услугите на колективот.

A/I е основан во 2001 година и функционира како волонтерски колектив. Обезбедува услуги за електронска пошта, веб-страници, мејлинг-листи и блогови, првенствено за активисти, организации и други корисници кои бараат алтернатива на комерцијалните дигитални платформи, со силен фокус на приватноста.

Американските власти го ставија колективот на листата на терористички организации на 26 август, со образложение дека обезбедува поддршка на екстремистички активисти и организации. Од A/I ја отфрлија ознаката, опишувајќи се себеси како колектив на волонтери и дигитални активисти кои обезбедуваат алатки за дигитална самоодбрана на активисти, поединци, групи и здруженија.

Само два дена подоцна, autistici.org стана недостапен откако Public Interest Registry (PIR), американската организација која управува со домените .org, го стави доменот во статус „serverHold“, со што тој престана да функционира. Од PIR објасниле дека биле законски обврзани да го суспендираат доменот откако американските власти го прогласиле неговиот сопственик за терористичка организација.

Последиците се прошириле и на банкарските услуги. Banca Etica, италијанската финансиска институција во која колективот ја имал својата сметка, ја суспендирала сметката поради ризиците поврзани со санкциите. Банката истовремено го критикувала користењето на американските санкции за политички цели.

Од A/I велат дека сакале да продолжат со работата, но дека тоа повеќе не можат да го прават на одговорен начин.

„Кога откривме дека сме означени како глобална терористичка организација, ветивме дека ќе се обидеме да се спротивставуваме колку што е можно подолго“, наведоа од колективот.

Сепак, тие предупредуваат дека не можат да го игнорираат ризикот нивната работа да им создаде правни или финансиски проблеми на корисниците и луѓето поврзани со организацијата.

„Можноста нашата работа да предизвика правни и финансиски последици за луѓето што ни се блиски, или дури и за оние кои само на некој начин се поврзани со нас, не ни остава избор“, наведено е во објавата по повод затворањето.

Со згаснувањето на A/I, илјадници корисници ќе мора да бараат нови начини за хостирање на своите веб-страници, електронска комуникација и други дигитални услуги.

е-Трн да боцка во твојот инбокс