Италија ќе им враќа дел од патарината на возачите што ќе заглават во долги колони

Од 1 јуни 2026 година Италија воведува поврат на патарина за возачи што ќе заглават во долги колони поради работи на автопатите.

Италија воведува ново правило кое може да ги израдува сите што често патуваат по нејзините автопати: ако возачите заглават во долги застои поради работи на патот, ќе можат да добијат делумен, а во некои случаи и целосен поврат на патарината.

Новата мерка почнува да важи од 1 јуни 2026 година, а ја пропиша италијанската транспортна управа ART. Според правилата, операторите на автопатите ќе мора под одредени услови да им надоместат дел од трошоците на возачите кога застојот е предизвикан од градежни работи.

Германскиот автомобилски клуб ADAC наведува дека поврат може да следува веќе по 10 минути доцнење на делници до 50 километри. На подолги делници, поврат ќе може да се бара при доцнење од најмалку 15 минути.

Во најекстремни случаи, ако возачите останат заглавени најмалку три часа поради работи на патот, ќе можат да добијат поврат на целата платена патарина.

Сепак, правилото нема да важи за секој сообраќаен застој. Исклучоци се несреќи, временски непогоди и итни работи на патиштата.

Во првата фаза, мерката ќе се применува само на автопатски делници со кои целосно управува еден оператор. Тоа значи дека нема автоматски да важи за сите автопати и сите ситуации.

Регистрираните корисници на платформата autostrada.it и поврзаната апликација ќе добиваат автоматски поврат на средствата. Туристите и возачите што немаат апликација ќе мора сами да поднесат барање за поврат преку телефонска линија или е-пошта.

Поради тоа, на сите што често патуваат низ Италија им се препорачува да се регистрираат на платформата, за полесно да ги остварат правата во случај на застој.

Италија паралелно подготвува и поголема реформа на системот за наплата на патарина. Во иднина, цените би требало да се пресметуваат потранспарентно, а се разгледува и динамичен модел во кој на цената би влијаеле фактори како густината на сообраќајот, времето од денот или емисионата класа на возилото.

е-Трн да боцка во твојот инбокс