Италија ќе ја замени Грција како најзадолжена земја во еврозоната

Италија се очекува да стане најзадолжената земја во еврозоната, додека јавниот долг на Грција годинава ќе се намали на 137 проценти од БДП.

Италија до крајот на годинава се очекува да стане најзадолжената земја во еврозоната, преземајќи го статусот што со години го имаше Грција. Ова го покажуваат податоците од буџетскиот план на Италија и новите проценки за јавниот долг во еврозоната.

Според двајца високи функционери, јавниот долг на Грција годинава ќе се намали на 137 проценти од бруто домашниот производ, откако лани изнесувал 145,9 проценти. Наспроти тоа, долгот на Италија се очекува да порасне на 138,6 проценти од БДП.

„Грција од оваа година ќе престане да биде најзадолжената земја во еврозоната. Новата проценка за долгот на Грција ќе биде вклучена во повеќегодишниот фискален план на земјата, што ќе биде доставен до Европската комисија на крајот од овој месец“, изјавиле двајцата функционери.

Грција во последните две децении имаше највисок јавен долг во еврозоната, особено по должничката криза што ја одбележа нејзината економија. Но од врвот од 209,4 проценти од БДП во 2020 година, грчкиот долг е намален за повеќе од 60 процентни поени.

Намалувањето на долгот е поврзано со посилниот економски раст на Грција во последните години. Грчката економија во изминатите три години растеше за повеќе од 2 проценти годишно, над просекот на Европската Унија, поттикната од инвестициите, домашната побарувачка и туризмот.

Очекуваниот пресврт ја менува економската слика во еврозоната: Грција, некогаш симбол на должничката криза, постепено ја намалува задолженоста, додека Италија се соочува со сè поголем товар на јавниот долг.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни