Италија донесе одлука за екстрадиција на кинески државјанин кој од страна на САД е обвинет за серија хакерски напади, меѓу кои и кражба на научни истражувања поврзани со пандемијата на ковид-19. Одлуката следи по судска проценка дека осомничениот може да биде предаден на американските власти.
Станува збор за Шу Зевеи, кој бил уапсен во Милано во јули минатата година по барање на САД. Тој се соочува со обвиненија за компјутерска измама и кражба на идентитет, а американските власти го поврзуваат со напади врз универзитети и истражувачки центри за време на пандемијата.
Според американското Министерство за правда, тој бил дел од група која во 2020 година таргетирала институции вклучени во развој на вакцини и третмани за ковид-19, а подоцна продолжила со активности поврзани со сајбер шпионажа.
Од Пекинг,Кина ги отфрла обвинувањата и ги оценува како политички мотивирани, повикувајќи ја Италија да ја преиспита одлуката. Адвокатот на обвинетиот наведува дека неговиот клиент сè уште не добил официјално известување за екстрадицијата.