Истражување на 10.000 жени: Чајот помага, премногу кафе одмага на коските

Повеќе од пет филџани кафе дневно ја намалуваат коскената густина кај постарите жени, додека умереното пиење чај носи заштитен ефект.

Децениско истражување спроведено врз речиси 10.000 жени на возраст над 65 години покажува директна врска меѓу секојдневните пијалаци и ризикот од остеопороза. Научниците од австралискиот универзитет „Флиндерс“ утврдија дека претераното пиење кафе над пет филџани дневно ја намалува минералната коскена густина. Истовремено, редовната консумација на чај придонесува за зачувување на коските во колкот, се наведува во студијата објавена во научното списание „Нутриентс“.

Истражувачите ги следеа навиките на учесничките цели десет години, мерејќи ја коскената минерална густина на колкот и на вратот на бедрената коска. Станува збор за две критични анатомиски точки каде скршениците најчесто предизвикуваат траен инвалидитет кај постарата популација.

Податоците од долготрајната студија за остеопоротски фрактури покажаа дека жените кои редовно пијат чај имаат повисока коскена густина на колкот во споредба со оние што воопшто не го консумираат. Разликата не е драматична, но има мерлива тежина на ниво на цела популација.

„Дури и малите подобрувања во густината на коските значат помал број скршеници на ниво на големи општествени групи“, изјави вонредниот професор Енву Лиу од Универзитетот „Флиндерс“.

Умереното пиење од две до три шолји кафе дневно не предизвикува никакво оштетување на коскениот систем. Проблемот се јавува кај екстремниот внес. Жените што надминуваат пет филџани на ден забележале значителен пад на коскената густина.

Ефектот се покажал уште понеповолен кај жени кои редовно консумираат алкохол. На спротивната страна, позитивното влијание на чајот било најизразено кај жените со прекумерна телесна тежина.

Коавторот на студијата, Рајан Лиу, објаснува дека тајната на чајот е во катехините. Овие соединенија го стимулираат создавањето на коскена маса и го забавуваат нејзиното разградување. Спротивно на тоа, високите дози кофеин од кафето можат да ја попречат апсорпцијата на калциум, иако додавањето млеко во филџанот делумно го неутрализира тој процес.

Остеопорозата погодува приближно една од три жени над 50 години низ светот и претставува водечка причина за сериозни повреди во третата доба. Сепак, научниците не препорачуваат целосно откажување од утринското кафе.

„Нашите резултати не значат дека треба целосно да го исфрлите кафето или да почнете да пиете чај со литри. Калциумот и витаминот Д остануваат темел на здравите коски, но она што го пиеме секој ден исто така игра улога“, заклучува професорот Лиу.

е-Трн да боцка во твојот инбокс