Исланѓаните поделени, но тесно мнозинство сака повторно да преговара за членство во ЕУ

Нова анкета покажува дека 51,3 отсто од Исланѓаните го поддржуваат повторното отворање на преговорите со Европската Унија, додека 48,7 отсто се против. Гласањето на 29 август нема да одлучува за членство во ЕУ, туку само за тоа дали земјата повторно ќе ги започне пристапните преговори.

Исланд на 29 август ќе одлучува дали повторно ќе ги отвори преговорите за членство во Европската Унија, а најновата анкета покажува дека ставовите на граѓаните се речиси целосно поделени.

Според истражувањето на агенцијата „Маскина“, спроведено од 21 до 25 август меѓу 1.019 испитаници, 51,3 отсто се за продолжување на преговорите со Брисел, додека 48,7 отсто се против. Разликата е само 2,6 процентни поени. 

Поддршката за повторно отворање на преговорите е нешто помала од претходната анкета од 13 август, кога 52,2 отсто од испитаниците биле за, а 47,8 отсто против.

Важно е што референдумот нема да значи директно одлучување за влез на Исланд во ЕУ. Граѓаните ќе одговараат дали сакаат земјата повторно да преговара со Унијата. Доколку преговорите резултираат со договор, за самото членство би следувало ново гласање. 

Исланд ги започна пристапните преговори со ЕУ во 2010 година, но процесот беше прекинат во 2013 година. Во меѓувреме, земјата остана тесно поврзана со Унијата преку Европскиот економски простор и Шенген зоната, но не учествува директно во носењето на одлуките во европските институции. 

Прашањето повторно стана актуелно поради променетата геополитичка и економска ситуација. Во јавната дебата се споменуваат зголемените трошоци за живот, војната во Украина и пошироката нестабилност во Северен Атлантик и Арктикот.

Дополнителен фактор се и изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп за Гренланд. Дел од Исланѓаните во посилните врски со ЕУ гледаат можност за поголема економска и политичка сигурност во период на зголемени геополитички тензии. 

Сепак, противниците на членството стравуваат дека Исланд би изгубил дел од контролата врз сопствените ресурси и политичката самостојност. Особено чувствително прашање е рибарството, еден од најважните сектори во исландската економија, бидејќи членството би значело и примена на заедничката политика на ЕУ во оваа област. 

Ако граѓаните на 29 август го поддржат повторното отворање на преговорите, според проценките на исландското Министерство за надворешни работи, тие би можеле да започнат до крајот на 2026 година и да траат околу 18 до 24 месеци. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс