Иранскиот врховен лидер: Во регионот повеќе нема да има место за американски бази

Новиот ирански ајатолах Моџтаба Хамнеи порача дека американските воени бази повеќе нема да имаат место на Блискиот Исток, по новите американски напади врз цели во Иран.

Во своето прво големо јавно обраќање, новиот ирански врховен лидер и ајатолах Моџтаба Хамнеи изјави дека во регионот повеќе нема да има место за американски воени бази. Неговата порака доаѓа откако американската Централна команда (CENTCOM) потврди дека во текот на ноќта извела напади врз ракетни позиции и бродови во јужен Иран, додека во близина на Оман бил пријавен и напад врз танкер.

„Времето не може да се врати назад“

Во писмена порака од 14 страници, објавена по повод Курбан-бајрам и аџилакот во Мека, Хамнеи наведе дека САД „секој ден сè повеќе ја губат својата поранешна позиција“.

„Времето не може да се врати назад, а народите и државите во регионот повеќе нема да служат како штит за американските бази“, порача тој.

Моџтаба Хамнеи, кој има 56 години, не се појавил во јавноста откако го наследи својот татко Али Хамнеи на чело на државата. Али Хамнеи беше убиен на 28 февруари во американско-израелски напад врз Иран, што беше почеток на актуелниот конфликт.

Американски напади и реакција од Техеран

CENTCOM соопшти дека цел на нападите биле ракетни постројки и бродови кои наводно се обидувале да поставуваат мини во јужен Иран. Американската страна операцијата ја опиша како акција во „самоодбрана“ и нагласи дека немала цел да го наруши примирјето.

Иранското Министерство за надворешни работи ги отфрли тие тврдења и ги обвини САД за „очигледно кршење на примирјето во регионот Хормозган“.

„Исламската Република Иран нема да остави ниту еден чин на агресија без одговор“, соопшти министерството.

Експлозии во Бандар Абас и соборен дрон

Иранските државни медиуми објавија дека се слушнале експлозии во пристанишниот град Бандар Абас, но без дополнителни детали. Локалните медиуми исто така јавија дека загинале четворица припадници на Иранската револуционерна гарда (IRGC), иако Техеран официјално не ги потврди американските напади.

Револуционерната гарда дополнително соопшти дека соборила американски дрон и отворила оган кон други летала кои се приближиле до иранскиот воздушен простор.

Инцидент и во близина на Оман

Британскиот центар за поморска трговија (UKMTO) извести дека танкер бил погоден од надворешна експлозија околу 60 наутички милји источно од Мускат, главниот град на Оман. Според информациите, ударот предизвикал истекување гориво во морето, но екипажот е безбеден.

Ескалацијата се случува додека ирански претставници во Доха разговараат со катарски посредници за можен мировен договор. Медиуми блиски до Иранската револуционерна гарда објавија дека претседателот на парламентот и главен преговарач Мохамад Багер Галибаф по разговорите се вратил во Техеран.

Во својата порака Хамнеи го пофали и таканаречениот „Фронт на отпорот“ во регионот, а нападот на Хамас врз Израел од 7 октомври го опиша како „Бура Ал Акса“. И покрај острата реторика, иранското Министерство за надворешни работи потврди дека Техеран и Вашингтон постигнале разбирање за повеќе прашања, но дека конечен договор сè уште не е постигнат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс