Иран се заканува со целосна офанзива ако САД не ги исполнат условите од договорот

Иран порача дека Ормускиот Теснец ќе остане затворен додека САД не ги исполнат условите од привремениот договор, вклучувајќи укинување санкции и блокади.

Ормускиот Теснец ќе остане затворен сè додека САД не ги исполнат условите од привремениот договор потпишан со Иран во јуни, изјави главниот ирански преговарач Мохамед Бакер Калибаф, според коментари објавени од државните медиуми.

Условите, како што наведува Калибаф, вклучуваат укинување на блокадата на иранските пристаништа од страна на САД, укинување на санкциите врз иранската нафта, ослободување на замрзнатите ирански средства и прекин на сите закани и воени операции на сите фронтови.

Ормускиот Теснец останува затворен

Меморандумот за разбирање, потпишан на 17 јуни, брзо пропаднал поради спор околу контролата врз Ормускиот Теснец.

Низ овој теснец пред војната минувале околу една петтина од светската нафта и течен природен гас, што го прави една од најважните енергетски точки во светот.

Американскиот претседател Доналд Трамп го прогласи пактот за „завршен“ на 7 јули, а иранското Министерство за надворешни работи една недела подоцна го прогласи за „суспендиран“.

Рок од 60 дена за конечен договор

Со меморандумот била договорена временска рамка од 60 дена, која може да се продолжи со согласност на двете страни.

Во тој период Вашингтон и Техеран треба да постигнат договор за други прашања, меѓу кои и судбината на иранската нуклеарна програма.

Висок ирански функционер за Ројтерс изјавил дека Иран ќе стане „целосно офанзивен“ поради застојот во дипломатските напори за прекин на долготрајниот конфликт.

Техеран го зголемува притисокот

Изјавите од Иран доаѓаат во период на зголемени тензии околу Ормускиот Теснец и иднината на преговорите со САД.

Засега нема информации дека двете страни се блиску до нов договор, а спорот околу санкциите, пристапот до замрзнатите средства и нуклеарната програма останува клучна пречка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс