Претседателот на иранскиот парламент и главен преговарач на Иран, Мохамад Багер Галибаф, предупреди дека се оформува „нова равенка“ околу Ормускиот Теснец и дека продолжувањето на сегашната состојба е „неподносливо“ за САД. Во објава на X, тој порача дека Иран „сè уште не започнал“, што дополнително ги засили стравувањата од нова ескалација во еден од најважните енергетски коридори во светот.
Галибаф ги обвини САД и нивните сојузници дека ја загрозиле безбедноста на пловидбата и енергетскиот транзит преку, како што наведе, прекршување на примирјето и воведување блокада. Иран воведе блокада за странските бродови во Ормускиот Теснец по почетокот на војната, додека американскиот претседател Доналд Трамп подоцна најави контраблокада за бродови што користат ирански пристаништа.
Новата тензија доаѓа во момент кога Вашингтон ја започна операцијата „Проект слобода“, чија цел, според американската страна, е со помош на војската да се извлечат заглавени товарни бродови од стратешкиот воден пат. Но Техеран предупреди дека ќе нападне секој американски воен брод што ќе се приближи до теснецот, што го прави ризикот од обновување на директен судир уште поголем.
Паралелно со кризата кај Ормускиот Теснец, тензиите растат и во Либан. Израелската војска издаде нови наредби за принудно раселување на жители во јужен Либан, вклучително и во населените места Џабшит и Сарафанд, тврдејќи дека се подготвува да дејствува против Хезболах поради наводни прекршувања на договорот за прекин на огнот.
Хезболах, пак, тврди дека нема да ги прекине нападите врз израелските сили во Либан и врз северен Израел додека Израел продолжува, како што наведува организацијата, да го прекршува примирјето. Израел е обвинуван за повеќекратни прекршувања на договорот, вклучувајќи напади во кои загинале цивили и уривање домови, додека израелската страна тврди дека дејствува против позиции на Хезболах.