Иран предупредува: „Подготвени сме за војна до судниот ден“

Министерот за надворешни работи Абас Арагчи вели дека Техеран е подготвен да одговори на секоја агресија, но тврди дека Иран сè уште ја остава отворена можноста за дипломатија.
epa12796159 A handout photo made available the Iranian supreme leader office shows Mojtaba Khamenei, one of the children of Iran’s slain supreme leader Ayatollah Ali Khamenei, during a ceremony 03 October 2024 (issued 05 March 2026). EPA/HANDOUT HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Иран е подготвен за „војна на Судниот ден“ со Соединетите Американски Држави, но истовремено не се откажува од дипломатскиот пат, изјави иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи. Изјавата доаѓа во момент кога Вашингтон го отфрли иранскиот седумдневен план за прекин на огнот и повторно отворање на Ормускиот Проток, додека Техеран соопштува дека сè уште го очекува конечниот американски одговор преку посредниците.

„Ќе се спротивставиме решително на секоја агресија, дури и ако дојде до војна на Судниот ден. Истовремено сме подготвени и за дипломатија“, порача Арагчи во интервју за американската телевизија Ен-Би-Си.

Што бара Иран за повторно отворање на Ормус?

Техеран предложи седумдневен план според кој би се воспоставил прекин на огнот и би се создадоа услови за повторно нормализирање на поморскиот сообраќај низ Ормускиот Проток.

Според планот што Иран го доставил преку посредници, Вашингтон треба да ја прекине поморската блокада на иранските пристаништа, да ги укине санкциите за иранската нафта и да ослободи замрзнати ирански средства во вредност од околу 12 милијарди долари. Планот предвидува и прекин на непријателствата во регионот.

По исполнувањето на условите, Иран би го отворил Ормускиот Проток за нормален поморски сообраќај, а потоа би започнале разговори за поширок договор, вклучително и за иранската нуклеарна програма.

Иранскиот министер денеска сепак посочи дека Техеран го слушнал првиот одговор на американскиот претседател Доналд Трамп, но дека сè уште не добил официјален одговор преку посредниците.

„Ги чекаме посредниците да ни ја пренесат конечната позиција и врз основа на тоа ќе донесеме одлука“, изјави Арагчи.

Трамп го отфрли планот

Доналд Трамп јавно изјави дека го отфрла иранскиот предлог за повторно отворање на Ормус во рок од една недела. Американската страна смета дека Техеран бара премногу отстапки однапред, додека Иран инсистира дека неговите услови се поврзани со обврски што веќе биле дел од претходниот договор меѓу двете страни.

Ормускиот Проток е клучна точка во конфликтот затоа што низ него во периодот пред војната минувал значаен дел од светската трговија со нафта и гас. Ограничувањата на сообраќајот низ теснецот затоа имаат директни последици врз енергетските пазари.

Иран тврди дека е подготвен за нови напади

Арагчи порача дека Иран ги извлекол поуките од претходните воени операции и дека следниот пат би бил подобро подготвен за американски удари. Тој истовремено ја обвини администрацијата на Трамп дека е непредвидлива, посочувајќи на американските операции „Миднајт Хамер“ и „Епик Фјури“, за кои Техеран тврди дека се случиле во периоди кога траеле дипломатски контакти.

Сепак, иранскиот министер нагласи дека дипломатските канали не се затворени.

Тоа е во согласност со денешната позиција на Техеран: Иран инсистира дека условите за преговори остануваат на маса, но дека повторното отворање на Ормус зависи од исполнувањето на неговите барања.

Неизвесност и околу иранското раководство

Во интервјуто Арагчи зборувал и за безбедноста на иранскиот врховен лидер Мојтаба Хамнеи. Тој објаснил дека поради безбедносни причини Хамнеи не се појавува јавно и дека властите избегнуваат дури и да објават видео со него.

Арагчи инсистира дека Хамнеи и понатаму ја извршува функцијата, но неговото долго отсуство од јавноста дополнително ги поттикнува шпекулациите за состојбата во иранското раководство. Во меѓувреме, главниот дипломатски канал меѓу Вашингтон и Техеран останува отворен преку посредници. Прашањето е дали ќе дојде до формален американски одговор на седумдневниот план и дали условите што ги поставува Иран можат да станат основа за нови преговори.

е-Трн да боцка во твојот инбокс