Иран: Подготвени сме да им помогнеме на бродовите во Ормуз

Пораката доаѓа во време на зголемени тензии околу пловидбата низ еден од најважните светски поморски коридори.

Иран соопшти дека неговите пристаништа се подготвени да обезбедат поморски услуги, техничка поддршка, снабдување и медицинска помош за бродовите што пловат низ Ормускиот Теснец и регионалните територијални води, во услови на продолжени тензии околу еден од најважните светски поморски правци.

Пораката ја испрати Иранската организација за пристаништа и поморство до командантите на трговските бродови што се движат во регионалните води, објави иранската државна агенција ИРНА. Според соопштението, сите пловила што минуваат низ територијалните води, особено низ иранските води и пристаништа, ќе можат да користат услуги за снабдување, гориво, здравствена и медицинска помош, како и материјали за одржување кога тоа е потребно.

Иранската организација најави дека пораката ќе се емитува преку поморските комуникациски мрежи и VHF-системот три пати дневно во период од три дена. Техеран го претставува потегот како дел од своите регулаторни и суверени обврски за безбедна и одржлива пловидба во Ормускиот Теснец.

Соопштението доаѓа во време на зголемени тензии меѓу Иран и САД околу движењето на бродовите низ Ормуз. Претходно, иранската Револуционерна гарда ги повика бродовите да користат само однапред назначени рути, предупредувајќи дека секое отстапување може да се смета за небезбедно и да предизвика „решителна реакција“.

Ормускиот Теснец останува клучна точка за светската трговија со енергенси, а секое нарушување на пловидбата низ овој коридор може брзо да се одрази врз цените на нафтата, транспортот и глобалните пазари. Францускиот претседател Емануел Макрон вчера разговарал со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан за состојбата во Хормуз и ја нагласил потребата од слободен и безбеден поморски сообраќај.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни