Иранските власти го погубија 21-годишниот каратист Сасан Азадвар Џункани, кој бил уапсен за време на антивладини протести, во период кога Обединетите нации и организации за човекови права предупредуваат на нагло зголемување на смртните казни и масовните апсења.
Азадвар бил егзекутиран рано наутро во затворот Дастгерд во градот Исфахан, откако бил приведен во јануари. Според извори блиски до неговото семејство, погребот се одржал под строги безбедносни мерки, со ограничено присуство на роднини. Иранската новинска агенција Мизан, која е поврзана со правосудството, соопшти дека тој бил осуден за „мохаребех“ – односно „непријателство против Бога“, како и за соработка со непријател.
Според обвинението, за време на протестите нападнал возило на безбедносните сили со камења и палки, оштетувајќи го, а наводно се обидел да подготви и запалива течност за напад. Не е наведено дали имало повредени.
Сепак, правната платформа Дадбан тврди дека обвиненијата не одговараат на законската дефиниција за ова кривично дело. Организацијата за човекови права Хенгав укажува на сериозни правни неправилности и наведува дека признанието било изнудено под физичка и психичка тортура.
Од Амнести интернешнл предупредуваат дека во последните недели се регистрирани најмалку 19 егзекуции, додека Обединетите нации соопштија дека од почетокот на конфликтот во Иран се погубени најмалку 21 лице и уапсени повеќе од 4.000.
Претседателот на иранското правосудство, Голамхосеин Мохсени Еџеи, изјави дека судовите ќе ги разгледуваат овие случаи по забрзана постапка и дека Техеран нема да ги прифати меѓународните повици за запирање на егзекуциите. Овој случај дополнително ја засилува загриженоста за зголемената репресија врз демонстрантите и политичките неистомисленици во Иран.