Иран подготвува план за целосна контрола врз Ормускиот Теснец

Иранската парламентарна комисија разгледува план од 12 точки за управување со Ормускиот Теснец, вклучувајќи и надоместоци за пловила што минуваат низ него.

Иранскиот парламент подготвува план со кој стратешкото управување со Ормускиот Теснец би било ставено под контрола на Иран, пишува иранската агенција „Тасним“.

Членот на парламентарната Комисија за национална безбедност и надворешна политика, Фада Хосеин Малеки, потврди дека планот е на дневен ред и дека дел од неговите одредби веќе се одобрени.

Според Малеки, предлогот содржи 12 точки, а преостанатите делови ќе се разгледуваат на следните седници, по што треба да биде подготвен конечен извештај.

Тој нагласи дека организацијата на преминот и транзитот на бродови низ Ормускиот Теснец е клучен приоритет за парламентот и другите надлежни институции во Иран. Според него, одлуките за тоа прашање ќе ги носи Техеран.

Еден од деловите на планот предвидува воведување надоместоци за пловила што минуваат низ теснецот. Иранските претставници тоа го споредуваат со практики што постојат на други меѓународни водни патишта.

Техеран претходно најави можност за воведување такви давачки, наведувајќи дека тие би служеле за покривање на зголемените трошоци за безбедност. Според пратениците, висината на надоместоците би зависела од видот и количината на товарот, како и од поврзаните ризици.

На 23 април, висок ирански функционер соопшти дека Иран веќе го примил првиот приход од надоместоци наплатени од странски пловила за премин низ Ормускиот Теснец. Според објавеното, средствата биле уплатени во Централната банка на Иран.

Ормускиот Теснец е еден од најважните светски поморски коридори за транспорт на енергенси, па секоја промена во начинот на негово управување може да има пошироки последици врз глобалната трговија и пазарот на нафта.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни