Иран ја губи контролата над Ормускиот Теснец? Повеќе од 80% од танкерите сега минуваат по рутата под американска заштита

Над 80% од бродовите што минуваат низ Ормускиот Теснец во последните две недели ја користат рутата покрај Оман, и покрај противењето на Иран.

Иран можеби губи значаен дел од контролата врз Ормускиот Теснец, еден од најважните поморски патишта за транспорт на нафта во светот. Новите податоци покажуваат дека сè поголем број бродови ги игнорираат барањата на Техеран и минуваат по рутата покрај Оман, под најавена заштита на американската морнарица.

Според податоците на компанијата за следење на танкерскиот сообраќај Кплер, повеќе од 80 отсто од пловидбата низ Ормускиот Теснец во последните две недели се одвивала по омaнската рута. Станува збор за пловен пат одобрен од Обединетите нации, на кој Иран остро се противи.

Танкерите ги игнорираат барањата на Техеран

Иран се обидува да наметне контрола врз сообраќајот низ теснецот, а во изминатиот период беа пријавени напади врз десетици бродови кои се обиделе да пловат долж северниот брег на Оман. Сепак, сè поголем број бродови продолжуваат да минуваат низ теснецот, потпирајќи се на ветената заштита од американската морнарица.

„Сè укажува дека Иран барем делумно ја изгубил контролата врз теснецот“, изјави Хомајун Фалакшахи, главен аналитичар за сурова нафта во Кплер. Промената е значителна во споредба со ситуацијата од пред само еден месец, кога Кплер речиси и да не регистрирал сообраќај по омaнската рута.

Иран не успева да наплаќа транзит?

Намалувањето на сообраќајот по рутата што ја преферира Иран истовремено го ограничува обидот на Техеран да наплаќа транзит за минување низ теснецот. Иако меморандумот за разбирање меѓу САД и Иран истече оваа недела, што теоретски му отвора простор на Техеран повторно да бара транзитни такси, податоците покажуваат дека бродските оператори во голема мера не ги прифаќаат тие барања.

„Повеќето актери на Блискиот Исток не го прифаќаат барањето на Иран за наплата на транзит. Затоа омaнската рута има најмногу смисла“, вели Ден Пикеринг, основач и главен инвестициски директор на Pickering Energy Partners.

Нафтата продолжува да се транспортира

Кувајт, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати изнајмуваат супертанкери за транспорт на нафта од Персискиот Залив низ Ормускиот Теснец. Потоа нафтата се префрла на танкери на купувачите надвор од опасната зона, во Оманскиот Залив.

Ситуацијата, сепак, е тешко целосно да се следи. Дел од бродовите ги исклучуваат транспондерите за да избегнат потенцијални напади, понекогаш и со недели. Овој таканаречен „мрачен сообраќај“ може да остане незабележан од комерцијалните системи за следење.

САД тврдат дека протокот е многу поголем

Иако дел од бродовите можат да се детектираат со сателити, САД, со значителни поморски сили во регионот, имаат многу поширок увид во сообраќајот. Американскиот министер за енергетика Крис Рајт минатата недела изјави дека транспортот на нафта низ теснецот и околните рути достигнал околу 15 милиони барели дневно во една недела.

Тоа е значително повеќе од досегашните проценки и се приближува до предвоениот просек од околу 20 милиони барели дневно.

Дали САД навистина имаат „целосна контрола“?

Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот изјави дека САД имаат „целосна контрола“ над теснецот. Но, оваа оценка е спорна. Фактот што и натаму има ирански напади, додека протокот на нафта останува под предвоеното ниво, покажува дека Вашингтон веројатно нема целосна контрола врз Ормускиот Теснец.

Но, истото важи и за Иран.

„Ако целта им била да се наметнат како главен фактор, би рекол дека никогаш немале целосна контрола. Изгледа дека нивната цел е одвраќање и демонстрација на моќ. Во тоа сè уште успеваат“, оценува Пикеринг.

Сепак, доколку американските податоци за обемот на транспортот на нафта се точни, тогаш иранската моќ на одвраќање и влијанието врз теснецот се значително послаби отколку пред еден или два месеца. Во меѓувреме, дополнителна неизвесност создаваат преговорите меѓу Оман и Иран за повторно воспоставување слободна пловидба низ теснецот. Разговорите се одвиваат без учество на САД, што предизвика незадоволство во Вашингтон.

Засега останува неизвесно како тие преговори ќе влијаат врз транспортот на нафта и идната контрола над еден од најважните поморски патишта во светот. Заклучокот на аналитичарите е внимателен: Иран веројатно делумно ја изгубил контролата над Ормускиот Теснец, но никој сè уште не може да зборува за целосна контрола на САД.

е-Трн да боцка во твојот инбокс