Иран испрати нов предлог до САД за крај на војната

Иран преку посредници му достави нов мировен предлог на САД, додека Вашингтон паралелно разгледува воени опции и можен „финален удар“.

Иран испратил нов предлог до Соединетите Американски Држави за завршување на војната, во обид да се деблокираат преговорите кои стагнираа во изминатиот период. Според иранската новинска агенција ИРНА, предлогот е доставен преку пакистански посредници, откако двете страни претходно постигнаа примирје на 8 април. И покрај тоа, разговорите продолжуваат со цел да се постигне траен мировен договор.

Паралелно со дипломатските напори, од Вашингтон пристигнуваат сигнали дека се разгледуваат и нови воени сценарија. Според американски медиуми, командантот на Централната команда на САД, адмирал Бред Купер, го информирал претседателот Доналд Трамп за можни опции, вклучително и таканаречен „конечен удар“ врз Иран.

На брифингot во Белата куќа биле претставени сценарија кои вклучуваат краток, но интензивен бран напади врз преостанатите воени капацитети, инфраструктурата и раководството на Иран, доколку САД решат да продолжат со воените операции.

Во меѓувреме, Пентагон размислува и за дополнително зајакнување на военото присуство во регионот, вклучително и распоредување на напредни системи како хиперсоничниот проектил „Dark Eagle“, кој може да погоди цели на далечина до околу 2.700 километри. Американските бомбардери B-1B веќе се присутни на Блискиот Исток и се подготвени за евентуална ескалација.

Конфликтот започна на 28 февруари, кога САД и Израел извршија напади врз Иран, по што Техеран возврати со удари врз американски сојузници и го затвори Ормускиот теснец – клучна рута за глобалната трговија со енергенси. Иако примирјето донесе привремено смирување, неуспешните преговори во Исламабад во средината на април покажаа дека ризикот од нова ескалација останува висок.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни