Иран испрати нов предлог за продолжување на преговорите со Соединетите Американски Држави, во обид да се придвижи процесот кој со недели е во застој, но без јасни знаци дека договор е блиску. Според иранската државна агенција ИРНА, предлогот е испратен преку посредници од Пакистан. Деталите не се објавени, но се работи за уште еден обид за изнаоѓање решение за крај на конфликтот.
Пазарите реагираа веднаш, цената на нафтата падна, откако претходно нагло порасна поради блокадата на Ормузкиот теснец, низ кој минуваат околу 20% од светската нафта и гас.
Обид за договор, но без решение
Иако новиот предлог покажува дека преговорите не се целосно пропаднати, останува нејасно дали ги решава главните спорови кои го блокираат напредокот.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, претходно одби ирански предлог кој бараше одложување на разговорите за нуклеарната програма, додека приоритет би бил укинување на блокадата во Ормузкиот теснец и крај на војната.
Вашингтон инсистира дека нуклеарното прашање мора веднаш да се реши. Американските измени на договорот, испратени од пратеникот Стив Виткоф, бараат Иран да не го преместува збогатениот ураниум и да не ги обновува оштетените постројки за време на преговорите. Ова останува главната пречка.
Спорот околу Ормускиот теснец
Ситуацијата околу Ормускиот теснец останува една од најголемите непознаници. Иран го држи теснецот затворен, додека американската морнарица го ограничува извозот на иранска нафта. Врховниот лидер на Иран, Мојтаба Хамнеи, изјави дека Техеран ќе ја задржи контролата врз преминот, што предизвикува силни реакции од американските сојузници во регионот.
Советникот на претседателот на Обединетите Арапски Емирати, Анвар Гаргаш, предупреди дека „не може да им се верува на еднострани ирански решенија“.
Примирје има, но ризик од ескалација останува
Иако примирјето е на сила од 8 април, по речиси 40 дена напади меѓу Израел, Соединетите Американски Држави и Иран, преговорите заглавија веќе по првата рунда во април во Пакистан. Тензиите на терен не стивнуваат. Иран ја зајакна противвоздушната одбрана и предупредува на можен нов американски напад, по кој би следел силен одговор.
Претседателот Доналд Трамп се соочува со рокови според Законот за воени овластувања или да го заврши конфликтот или да побара одобрување од Конгресот за продолжување. Иако Белата куќа тврди дека конфликтот е „привремено стопиран“, се разгледуваат повеќе сценарија од дипломатско решение до воени операции за повторно отворање на Ормузкиот теснец.
И покрај новата размена на предлози меѓу Иран и САД, двете страни остануваат далеку од договор.
САД инсистираат на спречување на иранска нуклеарна програма, додека Иран тврди дека неговата програма е исклучиво мирољубива. Новата понуда отвора врата за дијалог, но без решение за нуклеарното прашање и Ормузкиот теснец, кризата останува отворена и нестабилна.