Иран ги прекина преговорите со САД: Тензиите од Либан ја туркаат кризата кон нова ескалација

Иран објави прекин на индиректните преговори со САД поради ширењето на војната во Либан. Во меѓувреме, се разгледуваат мерки што би можеле да го погодат сообраќајот низ Ормускиот Теснец и да предизвикаат нов раст на цените на нафтата.

Иран ги прекинува индиректните преговори со САД, откако Израел нареди проширување на воените операции во Либан против организацијата Хезболах, објави иранската агенција „Тасним“. Според извештајот, иранскиот преговарачки тим престанува да разменува пораки со Вашингтон преку посредници, што претставува сериозен удар за дипломатските напори насочени кон ставање крај на тримесечниот конфликт на Блискиот Исток.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека верува оти Техеран и натаму сака да постигне договор, но иранските власти во последните денови сè почесто ги обвинуваат САД за менување на ставовите и поставување нови услови во текот на разговорите. Дополнителна тензија внесе и изјавата на иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи, кој предупреди дека нападите врз Либан го доведуваат во прашање целиот процес на примирје во регионот. Во исто време, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нареди нови воздушни напади врз јужните предградија на Бејрут, кои важат за силно упориште на Хезболах.

Особено загрижувачки за светските пазари е информацијата дека Иран и неговите регионални сојузници разгледуваат можност за целосно блокирање на Ормуски Теснец, како и дополнителни активности околу Баб ел Мандеб, еден од најважните светски поморски коридори. Таков потег би можел сериозно да го наруши глобалното снабдување со нафта и гас, што веќе се одразува на енергетските пазари. Само денес цените на нафтата пораснаа за повеќе од шест проценти поради стравувањата од поширок регионален конфликт.

Во меѓувреме, викендов дојде до нова размена на напади меѓу двете страни. Американските сили нападнаа ирански воени цели, додека иранските сили соопштија дека возвратиле со напад врз американска база во Кувајт. Прекинот на разговорите дополнително ја намалува можноста за брзо дипломатско решение и ја зголемува неизвесноста околу иднината на безбедносната состојба на Блискиот Исток и светските енергетски пазари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс