Новиот Закон за природа предвидува интервентни тимови составени од ветеринари, ренџери и полиција, кои ќе постапуваат при појава на мечки, волци и други диви животни во села, градови или на патишта.
Министерството за животна средина и просторно планирање подготви нов Закон за природа, со кој се предвидува формирање специјални интервентни тимови за постапување при појава на диви животни во населени места. Законот е објавен на ЕНЕР и е во фаза на јавна консултација.
Тимовите ќе бидат составени од ветеринари, ренџери, локална полиција и други надлежни служби. Тие ќе интервенираат кога диви животни, како мечки или волци, ќе се појават во близина на населени места, но и при сообраќајни незгоди во кои се повредени животни што може да претставуваат опасност за граѓаните.
Од Министерството велат дека измените се подготвуваат поради сè почестите случаи на движење на крупни диви животни во близина на населени места, особено во западниот дел од државата.
„Со проблемите што ги имаме во природата, пред сè поради движењето на мечки, предвидуваме воведување интервентен тим кој на брз начин ќе може да интервенира и да ги превенира проблемите“, посочија од Министерството.
Според најавите, тимовите ќе функционираат по примерот на Словенија и Хрватска. По излегување на терен, тие ќе прават брза проценка и ќе одлучуваат како да се постапи со животното. Целта е истовремено да се заштитат граѓаните и да се обезбеди хуман третман на животните.
Со законот се предвидува и формирање Национална комисија за крупни ѕверови, во која ќе има претставници од Министерството за животна средина, Министерството за земјоделство и полицијата. Комисијата ќе дава насоки за управување со крупните ѕверови, особено во заштитените подрачја.
Министерството најавува и отворање прифатен центар за диви животни во скопско Инџиково, во соработка со Ветеринарниот факултет. Таму ќе се згрижуваат повредени диви животни, птици и крупни ѕверови. За почеток, според проценките, ќе бидат потребни од 200 до 300 илјади евра.
До отворањето на центарот, институциите најавуваат постапување според посебни протоколи. Во план е формирање два интервентни тима — еден за подрачјето на Попова Шапка и Маврово, а втор за Охридскиот Регион и Галичица.
Од Министерството се осврнаа и на случајот со волкот што беше заловен во Скопје, оценувајќи дека брзата реакција на Зоолошката градина спречила поголем ризик.
„Да постоеше интервентен тим, тој ќе беше активиран и ќе постапеше согласно со надлежностите“, посочија од Министерството.
Новиот закон предвидува и проширени овластувања за ренџерите во заштитените подрачја. Тие ќе можат да легитимираат лица, да одземаат незаконски стекната роба и да изрекуваат казни при утврдени прекршувања.
Раководителот на Секторот за природа при МЖСПП, Влатко Трпевски, истакна дека целта на законот е усогласување со европските директиви, особено со директивата за живеалишта, што ќе овозможи идентификација на потенцијални Натура 2000 подрачја во Македонија.
Законот предвидува и акциски планови за заштита на загрозени видови, воведување категорија „геопарк“, можност за реставрација на деградирани екосистеми и дигитализација на дозволите што ги издава Министерството.
Јавната консултација ќе трае 30 дена, по што ќе следуваат јавни расправи. Забелешките од јавноста ќе ги разгледува стручен тим, пред текстот да биде доставен до Владата и потоа во Собранието.