Научници именуваа нов род инсекти по Тејлор Свифт и нејзините албуми

Ентомолозите опишаа 12 австралиски видови растителни стеници, а четири понесоа латински имиња инспирирани од поп-ѕвездата и нејзината естетика.
Фото: Ronald Woan/Flickr

Научници од Универзитетот на Калифорнија во Риверсајд опишаа нов род австралиски инсекти и го нарекоа „Swiftiephylus“, оддавајќи ѝ признание на поп-пејачката Тејлор Свифт. Студијата објавена во списанието „Insect Systematics and Evolution“ опфаќа 12 новоопишани видови растителни стеници, од кои четири директно носат латински имиња инспирирани од самата музичарка и насловите на нејзините студиски албуми.

Ентомолозите ги именуваа новите видови како Swiftiephylus taylorae, Swiftiephylus amator („Љубовник“), Swiftiephylus intrepidus („Неустрашлива“) и Swiftiephylus poetorum („Поети“). Родот припаѓа на семејството Miridae, најголемата група вистински стеници со над 11.000 познати видови во светот.

Водечката авторка на истражувањето, Сара Шредер, објасни дека инспирацијата дошла и од самиот физички изглед на инсектите.

„Тејлор Свифт е препознатлива по русата коса и црвените усни. Овие инсекти се бледожолти, со црвени детали по телото. Во трудот ги нарекувам русокоси“, изјави Шредер.

Таа додаде дека овие бои им служат на инсектите за камуфлажа меѓу портокалово-црвените структури на цветовите од дрвјата и грмушките од родот Allocasuarina, каде што го поминуваат целиот животен циклус.

Фото: Sarah Schroeder/UCR

Примероците не се собрани неодамна. Теренските истражувачи ги пронашле во Австралија во периодот меѓу 1995 и 2004 година, како дел од масовен проект за мапирање на биодиверзитетот во соработка со Американскиот музеј за природна историја. Тогаш биле собрани над 50.000 единки, а за нивна таксономска класификација беа потребни децении лабораториска работа.

Универзитетот во Риверсајд потврди дека овие инсекти не се штетници и не претставуваат никаква закана за луѓето, животните или земјоделските култури.

Именувањето видови по познати личности не е реткост во биолошката таксономија, но научниците често го користат овој пристап за да привлечат внимание кон загрозените екосистеми. Истиот истражувачки тим во 2022 година именуваше паразитски црв по актерот Џеф Даниелс.

„Таксономијата е темел на заштитата на природата. Ако не опишеме еден вид, ние не знаеме дека тој постои и не можеме да го заштитиме. Со тоа што ги именувавме овие видови по Тејлор, сакавме да свртиме внимание кон неистражениот биодиверзитет“, истакна Шредер.

е-Трн да боцка во твојот инбокс