ТИТАН Усје денес го одбележа двегодишниот јубилеј на едукативниот центар „Иноваториум – Клуб на напредни знаења и вештини“, проект насочен кон развој на дигитални и инженерски вештини кај учениците од основните училишта. Во рамки на програмата, младите имаат можност практично да се запознаат со 3Д моделирање, 3Д печатење, роботика и основи на инженерство, преку современ пристап што комбинира учење, истражување и креативност.
На завршниот настан од втората година од програмата за 3Д печатење присуствуваа повеќе од 500 ученици од осум основни училишта од Општина Аеродром, заедно со наставници, директори на училишта, претставници на локалната самоуправа, Технолошко-металуршкиот факултет и партнери на проектот.
Главниот извршен директор на ТИТАН Усје, Константинос Николаоу, истакна дека „Иноваториум“ претставува инвестиција во идните генерации и нивниот потенцијал во време кога технолошките вештини стануваат сè позначајни за образованието и пазарот на трудот.

Од компанијата посочија дека преку вакви програми младите добиваат можност уште во основното образование да се запознаат со технологии што денес се дел од современата индустрија и дигитална економија. Техничкиот директор Љупчо Дончев нагласи дека учениците не само што учат за 3Д печатење и роботика, туку и развиваат аналитичко размислување, љубопитност и навики за тимска работа и решавање проблеми.
„Во ера на дигитализација, многу е важно на младите да им понудиме можности за стекнување дополнителни вештини и знаења покрај формалното образование. Кога го формиравме ‘Иноваториум’, нашата цел беше да создадеме простор што ќе ја поттикне мотивацијата и интересот за СТЕМ науките“, изјави Дончев.
Тој посочи дека оваа година програмата е проширена и во Општина Аеродром, каде биле вклучени 524 ученици, додека минатата година во програмата учествувале повеќе од 200 ученици од училиштата во Општина Кисела Вода. Според него, интересот кај младите покажува дека постои силна желба за учење и работа со современи технологии.

Во реализацијата на проектот партнери на ТИТАН Усје се Технолошко-металуршкиот факултет, локалните самоуправи и училиштата, а од компанијата оценуваат дека токму соработката меѓу образовните институции и приватниот сектор е клучна за создавање поквалитетни можности за младите.
„Иноваториум“ е дел од пошироката програма „Партнерство со училиштата“, што ТИТАН Усје ја реализира од 2009 година со цел подобрување на условите за учење и поддршка на образованието. Центарот е лоциран во кругот на компанијата, а за учениците е обезбеден и автобуски превоз. Дополнително, дел од научните помагала и капацитетите на центарот се достапни и за наставниците по математика, физика и хемија од општинските училишта.
На крајот од настанот учениците добија признанија за успешно завршените обуки, а од ТИТАН Усје упатија порака дека токму младите кои денес истражуваат, експериментираат и создаваат, ќе бидат двигатели на идните технолошки и општествени промени.