Младите музичари добиваат сцена и шанса за Брисел: Отворен повикот за „Imagine Macedonia 2026“

Музичка младина на Македонија го отвори повикот за „Imagine Macedonia 2026“, национален натпревар за млади музичари и бендови од 13 до 21 година. Победникот ќе ја претставува Македонија на меѓународното финале во Брисел во декември.
Screenshot

Младите музичари од Македонија добиваат можност својата авторска музика да ја претстават пред публика, но и да стигнат до меѓународна сцена. Музичка младина на Македонија го отвори повикот за учество на „Imagine Macedonia 2026“, национален натпревар наменет за соло изведувачи и бендови на возраст од 13 до 21 година.

Натпреварот е дел од меѓународната програма „Imagine Music Experience“ на „JM International“, која ги поврзува младите музичари од различни земји и музички жанрови.

На повикот можат да се пријават млади музичари кои создаваат и изведуваат авторска музика, без ограничување во однос на музичкиот жанр. Тоа значи дека можност за настап имаат и соло изведувачи и бендови со различни музички изрази.

По завршувањето на повикот, избраните финалисти ќе настапат на националното финале на „Imagine Macedonia 2026“, кое ќе се одржи на 10 октомври во МКЦ во Скопје, во соработка со фестивалот „Здраво Млади“.

Од Скопје до Брисел

Националното финале ќе биде и можност за еден млад музички состав или изведувач да направи чекор кон меѓународната сцена.

Победникот на „Imagine Macedonia 2026“ ќе ја претставува Македонија на интернационалното финале на „Imagine Music Experience“ во Брисел, Белгија, во декември 2026 година.

Таму ќе настапи заедно со млади музичари од останатите земји учеснички во програмата.

Македонија и минатата година имаше свој претставник на интернационалното финале. Бендот „Корка“, кој беше победник на „Imagine Macedonia 2025“, во Брисел ја освои наградата од публиката „Public Choice Award“.

Учеството на македонскиот победник на интернационалното финале во 2026 година е овозможено со поддршка од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.

Пријавувањето трае до 30 август

Младите музичари кои сакаат да се пријават имаат време до 30 август 2026 година.

Условите за учество, сите дополнителни информации и формуларот за пријавување се достапни онлајн преку платформата „Мубазар“.

Пријавување и информации за „Imagine Macedonia 2026“

е-Трн да боцка во твојот инбокс