Search

Има ли нешто што нам Македонците не ни смета?

извор: Facebook

Викендов бев на концерт на Јелена Розга и само ќе кажам дека едно, жената е царица! Направи одлична журка и даде се од себе да не расположи, ама пусти ние кај се видело да дојдеш на журка и да се забавуваш?! Остај што стоиме ко здрвени во барови, клубови и дискотеки, ние и на концерт не знаеме да играме и да се опуштиме. Толку ли е важно да бидете совршени на сликите што ги постирате од концертот?

По концертот кој имаше навистина голема посетеност не можев да не се запрашам зошто на толку луѓе судејќи по Твитер и коментари на социјални мрежи им сметаше што народот во толкав број отишол на концерт на Розга?! Извинете, не знаев дека само на опера и балет одите. Па имало гужва, па организацијата била ваква-онаква, па не се дишело…

Ако не сакате гужва не одeте на концерт. Фино си ја пуштате Розга на телевизор дома и уживајте. Друга работа, дали организацијата ви е виновна што толку не можевте да се воздржите да не запалите цигара во сала дур трае концертот? Сум била на милион концерти и никаде не сум видела лабаво во затворен простор некој да си запали цигара и да си ужива. Овде скоро сите беа со цигарата и навистина не се дишеше, ама не ни е некој друг крив за тоа. Сами ние треба да си ја чукнеме главата.

Почнувам да мислам дека нема нешто што нам Македонците не ни смета, а во исто време ниту со мал прст не мрдаме да се промениме. Никој не гледа прво во себе, па потоа да впери прст во другите. Имаме младина која е насилна, која крши и уништува се што е од јавен простор. Клупи, канти за ѓубре, автобусите во кои се возат…. Дури и онака од чиста мира додека оди, ќе земе ќе скрши гранка од дрвото пред него затоа што тоа дете е полно со гнев и лутина. Тоа дете е толку младо за таков гнев во себе! А ако децата се одраз на родителите, а се, само замислете колкава лутина имаат во себе родителите!

Ни смета ѓубрето по улиците, а на секој чекор ве гледам како пакувањето од чоколатцето кое го јадете или смоките кои сте ги отвориле на вашето дете, го фрлате на земја. Па зар едно хартииче, едно пластично шише не можете да го задржите во џеб или рака додека не дојдете до канта за ѓубре?! Што треба? Некој да оди по вас и да собира? Па уште семки и сончоглед не се научивте да не ги јадете седнати на клупа и да ги фрлате лушпите насекаде околу вас. Имам комшии што ги мрзи вреќите со ѓубре да си ги фрлат во контењер па ги оставаат до корпите пред зграда. Истите тие им смета што влезот не бил чист и мирисало, а ѓубрето пред да го остават надвор им стои пред врата со денови.

Најсмешното од се како ни сметаат работи кои не се важни, не знам таму зошто позната пејачка добила дете со сурогат, па не било правилно, па не било нормално, па на што личело… А кога ќе ги прашаш дали ви смета тоа што со месеци се бутаме по гужви да вадиме документи и личиме на некое смешно реалити шоу наместо држава, ќе ти речат што да правиме тоа е.

Позагрижени сме зошто комшиката се разведува отколку она што ни се случува во државата и работи кои сериозно ја загрозуваат нашата иднина и иднината на генерациите после нас. „Ма не знам јас тоа, не пратам политика, не се мешам!“ А пратиш што се случува во животот на комшиката и таму си некој што нит го познаваш нит го знаеш? Ни смета се и ништо не може да ни се погоди, а во исто време чекаме некое чудо да се случи и магично се да среди околу нас. „Ма знаеш како е, ние сме балаканци.“ Не, ние сме лудаци! 

Авторката е магистер по правни науки, писателка, станд ап комичарка и радио и ТВ водителка

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни