Илјадници Израелци протестираа против Нетанјаху пред изборите: Бараат одговорност за нападот на Хамас

Три дена пред општите избори, семејства на жртви и заложници од нападот на 7 октомври 2023 година побараа независна истрага за безбедносните пропусти. Анкетите покажуваат неизвесна трка меѓу блоковите.

Илјадници луѓе се собраа во Тел Авив на голем протест против владата, три дена пред општите избори, кои се сметаат за референдум за премиерот Бенјамин Нетанјаху. Протестот го организираше Октомврискиот совет, група основана од семејства на жртви и заложници што палестински милитанти ги киднапираа на 7 октомври 2023 година.

Организаторите побараа одговорност за пропустите што не го спречија нападот на Хамас, кој го предизвика војната во Газа, како и формирање државна истражна комисија.

„Три дена пред изборите ќе го одржиме завршниот настан со кој ќе одбележиме три години борба за откривање на вистината, барање одговорност и формирање државна истражна комисија“, објави Октомврискиот совет на социјалната мрежа Икс пред собирот.

Неизвесна изборна трка

Анкетите покажуваат тесна трка меѓу десничарскиот блок на Нетанјаху, кој е на власт од крајот на 2022 година, и блокот на неговиот ривал Гади Ајзенкот, кој се позиционира во десниот центар. Според последните истражувања на јавното мислење, ниту еден од двата блока нема да освои мнозинство места во израелскиот парламент.

Новинар на Франс прес јавил дека илјадници луѓе марширале од центарот на плоштадот Рабин кон Плоштадот на заложниците, каде што се одржал собирот. Овој простор беше едно од главните места на претходните антивладини протести, на кои се бараше ослободување на заложниците држени во Газа.

„Кој и да нè водеше во изминатите четири години, си ја заврши работата ужасно“, изјави за Франс прес 68-годишната Хадас Фојерштајн непосредно пред почетокот на собирот.

„Израел никогаш не бил во ситуацијата во која се наоѓа сега“, додаде таа.

Октомврискиот совет ја предупреди полицијата за можни „провокации“ од активисти што ја поддржуваат владата.

Пропустите пред нападот на 7 октомври

Протестот се одржа по повеќегодишни барања на израелското граѓанско општество и опозициските партии за формирање независна истражна комисија што ќе ги испита безбедносните пропусти пред нападот на 7 октомври 2023 година.

Владата на Нетанјаху одби да формира независно тело од ваков вид, иако Израел во минатото често воспоставувал истражни комисии за испитување сериозни пропусти на државно ниво. Наместо тоа, владата предложи формирање „политичка“ комисија, во која половина од членовите би ги именувала владејачката коалиција, а другата половина опозициските пратеници. Опозициските лидери најавија дека ќе ја бојкотираат комисијата чии членови би биле именувани од политичарите.


Барањето за независна истрага останува едно од клучните прашања во дебатата за одговорноста за нападот на Хамас и пропустите на израелските безбедносни служби.

е-Трн да боцка во твојот инбокс