„Илика“ со „Личен, цветен мај“: книжевен кружок, работилница и продолжени саемски попусти

По трите награди на Саемот на книгата, „Илика“ ја продолжува книжевната пролет со мајска програма посветена на читањето, пишувањето и личните приказни.

По успешното учество на Саемот на книгата, каде што издавачката куќа и кафе-книжарница „Илика“ доби три награди од Македонската асоцијација на издавачи, книжарницата ја најавува мајската програма под мотото „Личен, цветен мај“.

Од „Илика“ велат дека признанијата од Саемот ги доживуваат како заеднички успех со читателите, авторите и сите што ја поддржуваат нивната работа. По саемската динамика, програмата продолжува во поинтимна атмосфера во книжарницата, со книжевни средби, разговори и работилници, а саемските попусти ќе продолжат до 9 мај.

Мајската програма е посветена на личните приказни, пишувањето што расте одвнатре и разговорите што се случуваат без наметнат ритам. Како книги на месецот се издвоени „Петромажественост/Енергија и доминација“ од Кара Дагет, „Избришаното уживање: Клиторисот и мислата“ од Катрин Малабу, „Кожа“ од Медуза, „Пејач во ноќта“ од Оља Савичевиќ Иванчевиќ, „Шарен бистар свет“ од Јелена Никодиновска Чаповска, „Памук“ од Ника и Ѓоко Гавровски и „Концерт за мирис и оркестар“, избор од творештвото на Лилјана Дирјан.

На 26 мај, со почеток во 18 часот, ќе се одржи книжевен кружок посветен на „Борбите и метаморфозите на една жена“ од Едуар Луј, современ автор кој преку ова дело отвора прашања за идентитетот, класата и женското искуство. Романот е достапен на македонски во превод на Ацо Пероски, а средбата ќе ја модерира Ивана Јовановска. Пријавувањето е отворено преку социјалните мрежи на „Илика“ или на ilika.publishing.shop@gmail.com, најдоцна до 24 мај.

На 30 мај, од 10 часот, ќе се одржи и групната уредничка работилница „Работа на текст“ со писателката Јелена Никодиновска Чаповска. Работилницата е наменета за сите што пишуваат или сакаат да го разберат процесот на создавање и уредување текст. За учество, заинтересираните треба да испратат авторски текст, поезија, проза, превод или експериментална форма до 10 страници, на истата електронска адреса најдоцна до 25 мај.

Од „Илика“ најавуваат дека мај ќе биде месец на читање, разговори и книжевни средби во дворчето на кафе-книжарницата, со програма што го продолжува духот на Саемот на книгата, но во поблиска и помирна атмосфера.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни