Икс ќе ги известува корисниците кога нивната влада бара да им се ограничат објавите

Новата опција на социјалната мрежа ќе покажува дали намалениот досег на профилот е директна последица на усогласување со локалните закони.

Социјалната мрежа Икс воведе нова функција со која транспарентно ќе ги известува корисниците доколку нивните објави или профили се соочуваат со намалена видливост поради барања и закони наметнати од националните влади. Со оваа алатка, компанијата официјално им дава увид на авторите дали нивната содржина претрпела таканаречен „шедоубен“ по налог на државните институции.

Новата функционалност претставува директно проширување на претходно лансираниот систем за транспарентност на Икс, познат како „Под хаубата“ (Under the Hood). Овој систем првично беше наменет за да им овозможи на корисниците проверка дали нивните профили имаат технички ознаки или внатрешни рестрикции што влијаат врз нивната јавна видливост.

Сега системот оди чекор понатаму. Наместо корисниците сами да нагаѓаат дали падот на досегот е последица на промена во алгоритмот или политички притисок, платформата директно ќе ја означува интервенцијата на државните органи.

Прашањето за цензура на социјалните мрежи со години е точка на судир меѓу технолошките гиганти и автократските режими. Владите ширум светот сè почесто користат локални закони за дигитална безбедност за да изнудат отстранување или вештачко задушување на политички критични содржини.

Платформата Икс со овој потег ја префрла одговорноста назад кај државните регулатори. Наместо мрежата да биде мета на критики за нетранспарентно филтрирање, корисникот точно ќе знае во која јурисдикција и врз основа на кој правен механизам е побарано ограничувањето.

е-Трн да боцка во твојот инбокс