Институтот за јавно здравје упати итни препораки за заштита на населението, откако екстремно високите температури ја зафатија Македонија втора недела по ред. Посебен апел е упатен до граѓаните над 65-годишна возраст да го избегнуваат користењето на шпоретите и рерните во периодот од 13 до 17 часот, со цел да се спречи дополнително загревање на домашните простории и ризик од здравствени компликации.
Втора недела по ред целата територија на државата се соочува со високи температури кои носат зголемен ризик за здравјето. Од Институтот за јавно здравје посочуваат дека најранливи се постарите лица, хроничните болни, бремените жени и децата.
Експертите препорачуваат во најтоплиот дел од денот, односно меѓу 11 и 17 часот, да се избегнува престој на отворено, но и да се минимизира загревањето во домовите преку готвење и користење апарати што зрачат топлина.
За да се намали оптоварувањето на организмот, ИЈЗ советува внесување поголема количина течности, пред сè вода, и избегнување алкохолни и зашеќерени пијалоци. Исхраната треба да биде лесна, базирана на свеж зеленчук и овошје.
Просториите во кои се престојува треба да се проветруваат рано наутро или доцна навечер, додека во текот на денот прозорците и ролетните треба да останат затворени за да се задржи пониска температура.
Високите температури може да предизвикаат сериозни последици како топлотна исцрпеност и топлотен удар. Главните знаци на прегревање на организмот се вртоглавица, главоболка, гадење, забрзан пулс и сува кожа.
При појава на вакви симптоми, неопходно е лицето веднаш да се премести во поладни простории, да пие ладна вода и, доколку состојбата не се подобри, да побара итна медицинска помош.