Хутите користеле вештачка интелигенција за развој на ракети

Јеменската група го употребила моделот Клод како инженерски тим за да напише софтвер за управување и навигација на проектили.

Јеменските Хути користеле напреден модел на вештачка интелигенција за обид за развој на софистицирано ракетно вооружување со домет над 2.000 километри, објави Фајненшл тајмс. Според безбедносен извештај од компанијата Антропик, група во северен Јемен го впрегнала моделот Клод за пишување код, симулација на летови и интегрирање автопилоти во балистички системи.

Извештајот наведува дека ќелијата со седиште во регионот под контрола на Хутите работела на три различни проекти. Првиот опфаќал наведена ракета базирана на комерцијален компјутер со моќност слична на паметен телефон и завршен систем за наведување.

Вториот проект вклучувал повеќестепен балистички проектил проектиран за цели оддалечени повеќе од 2.000 километри. Третата програма, именувана како серија „Р2000“, предвидувала изведба со хиперсонично лизгачко тело. Наместо класичен софтверски тим, групата активирала повеќе истовремени инстанци на алатката. Една инстанца пишувала код, втора вршела истражување, додека трета ги проверувала резултатите.

Моделот директно помагал при поврзување на автопилот со отворен код со контролниот компјутер на леталото. Дигиталниот асистент генерирал софтвер за одредување на положбата, го калибрирал системот за управување и изведувал симулации на ракетниот лет пред какво било физичко лансирање.

Ваквата постапка покажува како воени структури и милиции се обидуваат да ги заобиколат технолошките блокади и недостатокот од специјализиран кадар, потпирајќи се на лесно достапни јазични модели за развој на стратешко оружје.

е-Трн да боцка во твојот инбокс