Кинескиот технолошки гигант Huawei не успева да произведе доволно опрема за вештачка интелигенција за да ги задоволи потребите на домашниот пазар, поради што засега ги замрзнува плановите за поголемо ширење на странските пазари.
Информацијата ја соопшти еден од ротирачките претседатели на компанијата, Ерик Сју, за време на конференцијата „Huawei Connect“ во Шангај. Сју потврди дека производствените капацитети во моментов се недоволни дури и за кинеската побарувачка, иако компанијата пласира ограничени количества опрема во одредени земји со висок интерес.
Huawei се обидува да се позиционира како главна домашна алтернатива на американската Nvidia, особено по низата трговски ограничувања што Вашингтон ги воведе кон Пекинг и кон самиот Huawei од 2019 година наваму. И покрај тоа што Сју тврди дека семејството чипови Ascend презело поголем удел од кинескиот пазар отколку Nvidia, компанијата не објави конкретни бројки што би го потврдиле тоа тврдење. Дополнително, американскиот ривал сè уште ја задржува предноста преку софтверската платформа CUDA, поради што Huawei паралелно гради сопствен хардверски и софтверски екосистем.
Како дел од таа стратегија, новиот чип Ascend 950DT веќе ги поминал тест-фазите, а компанијата води преговори со домашните развивачи на големи јазични модели да почнат со негова употреба во текот на следната година. Според најавите, Ascend 950DT треба да стане достапен во четвртиот квартал годинава, додека хардверските ограничувања на поединечните чипови Huawei планира да ги надомести со поврзување илјадници процесори во поголеми пресметковни системи.