Хрватска им забрани енергетски пијалаци на малолетници

Фото: Oto Zapletal, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Хрватскиот парламент изгласа измени на Законот за трговија со кои се забранува продажба на енергетски пијалаци на лица помлади од 18 години. Новите правила предвидуваат построги контроли и обврска за проверка на возраста при купување, а мерките ќе важат и за продажба преку интернет.

Одлуката доаѓа по повеќемесечни дебати во хрватската јавност за штетното влијание на енергетските пијалаци врз здравјето на децата и тинејџерите. Властите тврдат дека целта е да се намали прекумерната консумација на кофеин и стимуланси кај младите, по примерот на повеќе европски земји кои веќе воведоа слични ограничувања.

Хрватскиот сабор едногласно ги поддржа законските измени, а со нив локалните власти добиваат и поголеми овластувања за регулирање на продажбата на алкохолни пијалаци. Според новите правила, трговците ќе мора да побараат документ за идентификација доколку се сомневаат дека купувачот е малолетен. Истото правило ќе важи и за автоматизираните каси и онлајн продажбата, каде ќе се користи системот „е-Граѓани“ за потврда на полнолетство.

Иницијативата за забрана првично ја покрена хрватската СДП, со образложение дека енергетските пијалаци можат да предизвикаат сериозни здравствени последици кај младите, вклучително проблеми со крвниот притисок, срцеви заболувања, нарушувања на спиењето и зголемена анксиозност. Дел од пратениците оценија дека мерките доаѓаат предоцна, но сепак добија широка политичка поддршка.

Министерот за туризам и спорт Тончи Главина претходно најави дека контролите ќе ги спроведуваат Државниот инспекторат и полицијата, а енергетските пијалаци во угостителските објекти ќе се третираат слично како алкохолот. Со тоа, малолетниците повеќе нема да можат да купуваат или да консумираат вакви пијалаци во кафулиња, продавници и на јавни настани.

Хрватска со ова се приклучува на групата европски земји кои веќе воведоа ограничувања за продажба на енергетски пијалаци на малолетници, меѓу кои се Литванија, Латвија и Унгарија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс