Хрватска воведува доживотен затвор за 15 тешки кривични дела и го воведува екоцидот

Од 1 јануари 2027 година судовите ќе можат да изрекуваат доживотен затвор, а за катастрофално и неповратно уништување на животната средина се воведува ново кривично дело – екоцид

Хрватската влада до Парламентот достави пакет измени на Кривичниот законик со кои за првпат се воведува доживотен затвор, се заоструваат казните за најтешките кривични дела и се воведуваат нови кривични дела против животната средина и животните. Министерот за правда Дамир Хабијан изјави дека дел од измените произлегуваат од потребата за усогласување со законодавството на Европската Унија, но и од анализите на случаите со кои хрватскиот правосуден систем се соочува во практиката.

„Некои од измените на Кривичниот законик се дел од процесот на усогласување со законодавството на ЕУ, но се поттикнати и од нашата сопствена желба како Влада и Министерство да го подобриме системот на кривичната правда“, изјави Хабијан.

Доживотен затвор за 15 најтешки кривични дела

Според предложените измени, од 1 јануари 2027 година хрватските судови ќе можат да изрекуваат доживотен затвор за 15 од најтешките кривични дела, за кои досега беше предвидена долготрајна затворска казна. Премиерот Андреј Пленковиќ оцени дека измените се одговор на реалните околности во општеството, особено на најтешките случаи на убиства.

Сепак, доживотната казна нема да значи дека осудениот нужно ќе остане во затвор до крајот на животот. По издржани 25 години затвор, осудениците ќе можат да поднесат барање за условно предвремено ослободување. За тоа дали ќе биде одобрено, ќе одлучува судот. Со измените се укинува и застарувањето за сите кривични дела за кои е предвидена долготрајна затворска казна или доживотен затвор.

За високоризичните сторители кои целосно ќе ја издржат затворската казна, а не биле предвреме ослободени, се воведува и дополнителен надзор. Тој ќе трае од една до пет години, а за најтешките кривични дела против деца – од една до десет години.

Екоцид – ново кривично дело против животната средина

Една од најзначајните новини е воведувањето на кривичното дело „екоцид“. Тоа ќе се однесува на случаи во кои се предизвикуваат катастрофални, долготрајни и неповратни штети врз воздухот, водата, почвата и екосистемот во целина. За најтешките случаи на загадување на животната средина се предвидуваат казни од 10 години затвор, па сè до долготраен или доживотен затвор. Според хрватската влада, предложените казни се построги од оние што ги бара соодветната директива на Европската Унија.

И за кривичното дело екоцид нема да се применува застарување.

Предложени се и значително повисоки парични казни за компаниите. За правните лица максималната глоба ќе се зголеми од сегашните 20 милиони евра, односно 25 милиони евра во случаи поврзани со криминални организации, на 50 милиони евра.

Построги казни за намерно предизвикување пожари

Се заоструваат и казните за намерно предизвикување пожари. Наместо досегашната казна од шест месеци до пет години, сторителите ќе можат да добијат од една до десет години затвор. Ако пожарот предизвика значителна материјална штета, казната ќе се движи од три до 15 години затвор. Во случаите кога последиците вклучуваат смрт или повредување на голем број луѓе, минималната казна ќе биде пет години, а максималната може да достигне долготраен или доживотен затвор.

Поголема заштита и на животните

Пакетот измени предвидува и зајакнување на кривично-правната заштита на животните. Се воведуваат нови кривични дела поврзани со сексуална експлоатација на животни и незаконско вршење ветеринарно-медицинска дејност, а се зголемуваат и казните за постојните кривични дела.За дел од новите дела ќе се предвидува казна од шест месеци до пет години затвор, односно од една до осум години кога делото е извршено со цел стекнување финансиска корист.

Ќе биде изменета и дефиницијата на кривичното дело „убиство или мачење животни“, така што за негово постоење ќе биде доволно и едно противправно дејствие. На лицата прогласени за неспособни може да им биде изречена забрана за чување или стекнување животни, додека за сторителите осудени за кривично дело против животно таквата забрана ќе биде задолжителна.

е-Трн да боцка во твојот инбокс