Хрватска урна нов туристички рекорд: Во август првпат над 5 милиони гости

Хрватска годинава продолжува да бележи раст на туристичката посетеност, а август донесе историски резултат. За првпат во еден месец земјата регистрирала повеќе од пет милиони туристички пристигнувања.

Според податоците од системот еВиситор, во првите осум месеци од 2026 година во Хрватска се реализирани 17,5 милиони пристигнувања и 90,5 милиони ноќевања. И двата показатели се за еден отсто повисоки во споредба со истиот период минатата година. Од вкупниот број ноќевања, 86,7 милиони се остварени на Јадранот, додека 3,8 милиони биле регистрирани во континенталниот дел на земјата.

Август со историски резултат

Најсилен месец досега е август. Во текот на месецот Хрватска ја посетиле повеќе од пет милиони туристи, што претставува раст од два отсто во однос на август минатата година. Истовремено, биле остварени 31,4 милиони ноќевања, односно половина процент повеќе од истиот период во 2025 година.

Најмногу ноќевања во август оствариле туристите од Германија, а по нив следуваат домашните гости, туристите од Словенија, Полска, Австрија, Италија, Унгарија и Чешка. Кога станува збор за хрватските жупании, најголем број ноќевања во август биле регистрирани во Истра, Сплитско-далматинската жупанија и Кварнер. Меѓу најпосетените дестинации биле Ровињ, Вир, Пореч, Медулин, Умаг и Дубровник.

Министерот за туризам и спорт Тончи Главина оцени дека резултатите покажуваат оти хрватскиот туризам и понатаму е конкурентен. Според него, разликата меѓу растот на пристигнувањата и нешто побавниот раст на ноќевањата укажува на промена во навиките на туристите.

Патувањата стануваат пократки, а туристите повнимателно ги планираат своите трошоци, посочи Главина.

Германците убедливо на врвот

Во периодот од јануари до август, Истра била водечка хрватска жупанија со 25,4 милиони ноќевања. На второ место е Сплитско-далматинската жупанија со повеќе од 17 милиони, а Кварнер следува со 15,2 милиони ноќевања. На ниво на дестинации, најмногу туристички ноќевања во првите осум месеци се регистрирани во Ровињ, Дубровник, Пореч, Сплит, Умаг и Медулин.

Германските туристи се убедливо најбројни странски гости. Тие оствариле 16,9 милиони ноќевања. По нив следуваат домашните гости со 11,7 милиони ноќевања, а потоа туристите од Словенија со 9,6 милиони. Австријците и Полјаците оствариле по 6,3 милиони ноќевања, додека гостите од Чешка реализирале 4,5 милиони. Следуваат Унгарија со 3,7 милиони, Италија со 3,5 милиони и Обединетото Кралство со 3,2 милиони ноќевања.

Фокусот сега се префрла на постсезоната

Хрватската туристичка заедница очекува позитивниот тренд да продолжи и во преостанатиот дел од годината. Директорот на Хрватската туристичка заедница, Кристијан Станичиќ, оцени дека резултатите покажуваат силен интерес за Хрватска и покрај промените во начинот на кој туристите ги носат одлуките за патување.

Тој посочи дека промотивните активности на клучните пазари, дигиталните кампањи, социјалните мрежи, односите со јавноста и соработката со превозниците и туроператорите биле дел од стратегијата за одржување на интересот. По рекордниот август, вниманието сега е насочено кон постсезоната и зимскиот период, со цел Хрватска да го задржи позитивниот тренд и истовремено да работи на квалитетот и конкурентноста на туристичката понуда.

е-Трн да боцка во твојот инбокс