Хрватска од 23 септември ќе почне да издава посебен вид визи за професионалните возачи од Македонија и другите земји од Западен Балкан, со цел да им се олеснат транспортот и престојот во земјата.Ова го изјави Биљана Муратовска од здружението „Макам-транс“ во емисијата „Аргумент плус“ на ТВ 24.
Станува збор за мерка што треба да им го олесни движењето на професионалните возачи, кои во изминатиот период се соочуваат со проблеми поради шенгенското правило според кое државјани на земји надвор од ЕУ можат да престојуваат најмногу 90 дена во период од 180 дена. Сепак, воведувањето на посебните визи не го решава целосно проблемот со правилото 90/180.
Според Муратовска, ова прашање ќе мора да се решава билатерално со секоја земја од шенген-зоната. Македонските професионални возачи веќе подолг период укажуваат дека ограничувањето создава сериозни проблеми за транспортниот сектор, особено поради природата на нивната работа, која подразбира чести и долги престои во земјите од ЕУ.
За прашањето неодамна зборуваше и министерот за транспорт и врски Александар Николоски. Тој најави дека Австрија би можела да биде следната земја што ќе воспостави долгорочни визи за професионалните возачи од Македонија. Николоски посочи дека Македонија преговара и со Германија, Унгарија и Словенија, додека, според него, веќе се постигнати договори со Хрватска, Романија и Швајцарија.
„Имајќи предвид дека беа препознаени како професионалци, сега може да добиваат долгорочни визи и затоа ние мора да работиме со што повеќе држави да постигнеме ваков договор“, рече Николоски.
Тој додаде дека дел од земјите членки на шенген-зоната не поддржуваат заедничко решение за сите држави, а визните правила се носат со консензус.
„Затоа решението е билатерално и ние билатерално работиме“, изјави Николоски.
Посебните визи со Хрватска треба да започнат да се издаваат од 23 септември, но останува отворено прашањето како ќе се надмине ограничувањето 90/180 при движењето на македонските професионални возачи низ останатите земји од шенген-зоната.